Борба за милијардите: Кој ќе го наследи огромното богатство на Дејвид Рокфелер?

Точка

20/03/2017

20:30

10.138

Големина на фонт

а а а

Според официјалните податоци кои ги објави магазинот „Forbes”, богатството на починатиот Дејвид Рокфелер (101) изнесува речиси три и пол милијарди долари. Потомокот на најбогатото семејство во историјата на САД зад себе оставил шест деца, но прашањето е кој ќе го наследи неговото богатство, со оглед на тоа што неодамна во американските медиуми се појавија информации дека Рокфелер ќе му остави голем дел од своето богатство на Универзитетот Харвард.

Како што пишува „Business Insider”, Рокфелер, кој беше последниот жив внук на легендарниот нафтен магнат Џон Д. Рокфелер, во текот на животот имал тенденција да донира енормни суми на пари во добротворни цели. Забележано е дека неговите донации во текот на животот надминале неколку милијарди долари.


Што се однесува до распределбата на неговите пари, „Business Insider” наведува дека Универзитетот Харвард ќе добие најмалку 100 милиони долари, додека остатокот ќе биде поделен во помали донации и распореден во семејните фондови, најверојатно за секое од неговите шест деца.


Наследството на најбогатиот човек во светот

Наследството на Рокфелерови почнало со еден млад библиотекар во Кливленд, кому во таа далечна 1855 година целта му била да заработи 100.000 долари и да живее 100 години, пишува „Forbes”. Неговиот „тренинг“ за големите достигнувања вклучувал десетдневен курс по сметководство. Тој човек бил Џон Д. Рокфелер, дедото на починатиот Дејвид Рокфелер.


Џон Рокфелер станал првиот светски милијардер во 1916 година, кога поседувањето на толкава количина на пари било незамисливо. Кога починал во 1937 година, неговото богатство изнесувало дури 1.5% од вкупната американска економија! Кога неговото богатство би се превело во денешните норми, би изнесувало околу 340 милијарди долари, што е четири пати повеќе отколку што денес поседува најбогатиот човек на светот, Бил Гејтс.


Династијата Рокфелер е исто толку мистериозно колку што е влијателна, а повеќето членови на семејството се држат подалеку од рефлекторите на јавноста, пишува „Forbes”. Најголемото политичко име од семејството бил Нелсон Рокфелер, кој служел како потпретседател на Америка во мандатот на Џералд Форд. Вториот брат на Дејвид, Винтроп Рокфелер, бил републикански гувернер на Арканзас.


Спонозорирани линкови

Маркетинг