Вест Бромвич го нокаутираше Арсенал и ја продолжи агонијата на Венгер

Дерби

18/03/2017

17:18

1471

Големина на фонт

а а а

Арсенал ќе има навистина тешка задача да ја продолжи фантастичната серија од 20 последователни сезони со топ 4 финиш во Премиер лигата, а потврда за тоа добивме и ова попладне откако екипата на Вест Бромвич Албион ја продолжи агонијата на тимот предводен од Арсен Венгер (3:1).

Францускиот стручњак мораше да гледа како фановите на Арсенал му испраќаат различни пораки од небото, но во продолжение и како неговиот тим претрпува нов пораз во Премиер лигата, и што е најзагрижувачки, четврти на последните пет одиграни натпревари во елитното друштво.

„Топчиите“ тргнаа многу лошо на денешното гостување на „Хоторнс“ каде имаа негатива по само 12 минути игра откако лошо реагираа при еден корнер на домаќините, но иако Алексис Санчез брзо успеа да го врати својот тим во игра, на крајот овој гол се покажа како единствена светла точка за гостите од Северен Лондон.

Робсон Кану веднаш по влегувањето во игра погоди за 2:1 во 55-та минута, а казна за гредата која ја погоди Велбек следуваше 75-та минута кога Досон со својот втор гол со глава стави печат на овој меч.

Истиот ќе му донесе навистина многу главоболки на Венгер, не само поради ужасната низа од четири порази на последните пет средби во Премиер лигата, туку и поради тоа што остана на минус пет бода од четвртото место на табелата кое со ваква игра изгледа недостижно.




Спонозорирани линкови

Маркетинг