Трагедија од која пејачот никогаш не закрепнал: „Кога го виде нашиот син, насмевката му се претвори во ужас“

Точка

16/03/2017

17:10

10.006

Големина на фонт

а а а

Мајте Гарсија, поранешната сопруга на познатиот музичар Принс, ги објавила своите мемоари во кои открила потресни детали од нивниот заеднички живот кој го одбележала една трагедија.

Мајте во автобиографијата открила дека таа и Принс со години се обидувале да добијат дете. Нивната желба се исполнила на 16 октомври 1996 година кога Мајте го родила синот Амир. Како што вели, Принс бил пресреќен.


Сепак, насмевката на неговото лице набрзо исчезнала откако дознале дека момчето има ретко генетско нарушување – Фајферов синдром тип 2.

„Не знам како да го опишам изразот на лицето на мојот сопруг. Чиста радост. А, потоа го кренаа бебето на светлина. Радоста на лицето на мојот сопруг се претвори во чист ужас“, пишува Гарсија во книгата, пренесува магазинот "People".


Мајте имала само 22 години кога на Денот на вљубените во 1996 година се омажила за тогаш 37-годишниот Принс, кому му била танчерка.

Осум месеци подоцна му родила син. Бебето било родено еден месец порано. Гарсја имала нормална бременост сè додека еден ден не прокрварила. Докторот ги советувал да направат амниоцентеза за да проверат дали бебето страда од генетски нарушувања.

Принс не ѝ дозволил на сопругата да направи тест иако докторот им рекол на родителите дека „понекогаш телото со причина се обидува да се ослободи од фетусот“.

Наместо тоа, заминале дома, а Принс, кој израснал како адвентист, а во 2001 година станал Јеховин сведок, се молел за својот син.


Пејачот верувал во моќта на молитвата и религијата и верувал дека ангел го излекувал од епилепсија кога бил дете.

На следниот преглед се појавила уште една причина за загриженост. Докторката им рекла дека постои можност бебето да биде со џуџест раст. Гарсија го молела сопругот да и` допушти да направи амниоцентеза, но тој не отстапувал од своите уверувања. Таа се присетила дека тогаш дури била и среќна, бидејќи џуџестиот раст била најбезболната работа која можела да им се случи. За жал, бебето се родило со Фајферов синдром тип 2, а Мајте го открила болниот момент кога за прв пат го видела синот.

„Ни го донесоа бебето, беше завиткано и тешко дишеше. Немаше очни капаци, па очите му изгледаа уплашено и суво. Фајферовиот синдром тип 2 е генетско нарушување кое предизвикува абнормалности во скелетот и организмот. Прерано спојување на коските во черепот, и во дланките и стапалата, кои поради тоа изгледаат како шепи. Непостоење на анус, што предизвикува абнормалност во цревата која е опасна за живот. Сето тоа го научив подоцна. Но, во првиот момент не разбирав што гледам“, се потсетила таа.


Нивното дете никогаш не ја напуштило болницата. Веднаш по раѓањето, било подложено на операции за да се обидат да му го продолжат животот. Но, починало шест дена подоцна. Мајте пишува дека отишла дома и со денови лежела во креветот, држејќи ја во прегратки пепелта од својот син. Од друга страна, Принс го напуштил нивниот дом еден ден откако ја добиле урната.

„Пепелта од нашиот син ни беше донесена во урна. Не знам колку долго лежев во креветот со пепелта на Амир. Следниот ден мојот сопруг ми рече ’Повеќе не можам да бидам овде. Морам да заминам.’ Останав сама. Деновите се претворија во темнина.“

Мајте вели дека тој веројатно бил најтешкиот период во животот на Принс. „Мислам дека никогаш не го преболе тоа. Не знам како воопшто некој може да преболи такво нешто. Јас не можев.“

После некое време, Принс се вратил и ја известил сопругата дека тој ден во нивниот дом ќе дојде Опра Винфри по повод ексклузивно интервју, само две недели по смртта на нивниот син.

„Мојот сопруг ја прошета низ домот, а нејзината мисија беше јасна. Дојде да дознае дали е детето мртво или деформирано како што зборувале луѓето. А, додека бев во болница, тој опремил раскошна детска соба. Не знаев за тоа, сакал да ме изненади. Опра ја виде пред мене. Стоеја во средината на тој шарен рај полн со играчки. Собата имала сè што е потребно, освен единствената работа која е потребна за детска соба. Кога Опра го прашала за здравствените проблеми на детето, тој рекол: „Сè е во ред, заборави што си слушнала.“ Јас не зборував. Седев на софата и се смешкав. Сопругот ми рече да не го спомнувам Амир.


Нивната љубов не успеала да закрепне од оваа трагедија. Набрзо се разделиле, а на денот кога требало да ја одбележат третата годишнина, судијата им одобрил поништување на бракот.

Таа признала дека и понатаму верувала дека тие двајца сепак ќе завршат заедно, сè додека тој повторно не се оженил во 2001, а тогаш таа дознала дека пејачот ѝ наредил на својата асистентка да ги запали сите спомени на Гарсија и Амир.

Нејзините мемоари ќе бидат објавени следниот месец, една година откако нејзиниот поранешен сопруг беше пронајден мртов. Како причина за смртта беше наведено предозирање со лекови. Имаше 57 години.


Спонозорирани линкови

Маркетинг