Блесок на Нуркиќ и Шариќ, Вестбрук како Чембрлен, пораз на Кливленд

Макфакс

10/03/2017

10:55

361

Големина на фонт

а а а

Актуелниот шампион во НБА лигата, Кливленд, го забележа третиот пораз во низа, вкупно 21-ви во сезоната. Кливленд загуби од Детроит иако најдобриот играч Леброн Џејмс забележа трипл дабл. Трипл дабл, 31-ви во сезоната, забележа и неверојатниот Расел Вестбрук во триумфот на Оклахома над Сан Антонио.

Детроит го пречека актуелниот НБА шампион Кливленд и забележа победа 106:101. Леброн Џејмс забележа трипл дабл (29 поени, 13 скокови, 10 асистенции), додека Кајри Ирвинг постигна 27 кошеви. Детроит го предводеа Реџи Џексон со 21 поен, односно Андре Драмонд со 20 поени и 16 скокови.



Оклахома славеше во дуелот со Сан Антонио 102:92. Расел Вестбрук имаше учинок од 23 поени, 13 скокови и 13 асистенции. Вестбрук го забележа 31-от трипл дабл во сезоната и на вечната листа се израмни со Вилт Чембрлен. Инаку прв на листата со најмногу трипл дабл учиноци во една сезона е Оскар Робертсон (41).

Сан Антонио го предводеше Каваи Ленард со 19 поени, еден помалку постигна Пау Гасол, а Ламаркус Олдриџ заврши со 17 поени.



Индивидуално, изминатата ноќ во НБА лигата, ја обележаа и двајца играчи од Балканот. Јусуф Нуркиќ го предводеше Портланд до победата над Филаделфија 114:108. Центарот од БиХ оствари рекордни во кариерата 28 поени и 20 скокови, на кои придодаде 6 блокади и 2 украдени топки. Во тимот на Филаделфија се истакна Дарио Шариќ кој исто така оствари рекорд на кариерата со 28 поени.



На другите натпревари ЛА Клиперс славеше против Мемфис 114:98, а ЛА Лејкерс го совладаа Феникс 122:110.


Спонозорирани линкови

Маркетинг