Хитот на годината стигнува на главната бина на EXIT, а на Арената нејзиниот најголем DJ тандем досега!

Точка

07/02/2017

13:57

5.335

Големина на фонт

а а а

Авторот на еден од најголемите светски хитови во моментов „Human“, британскиот соул музичар Rag'n'Bone Man доаѓа на главната бина на Exit во недела, 9-ти јули!

Светските топ листи и публиката ги освои со длабокиот вокал, искрените стихови и сирови емоции, а многумина предвидуваат дека 2017-та ќе биде негова година. Веќе ја освои овогодинешната BRIT награда во „Critics' Choice“ категоријата, а колку критичарите знаат да ги предвидат успешните кариери, говори фактот дека претходни добитници во оваа категорија се Ellie Goulding, Florence + The Machine и Adele, со која пак и најмногу го споредуваат поради сировата моќ на вокалот. Rag'n'Bone Man има номинација и во категоријата „British Breakthrough Act“, а еден од директорите на издавачката група Sony предвидува дека албумот „Human“, најавен за 10-ти февруари, ќе биде еден од најпродаваните годинава. Денс Арената на EXIT во петок, 7-ми јули ги дочекува двајцата неприкосновени лидери на светската хаус сцена, Solomun и Dixon, и тоа во специјален тричасовен „back2back“ сет! На Арената во сабота, 8-ми јули стигнува и официјалниот Faithless DJ Set, кој лично го претставува Sister Bliss, авторката на најголемите хитови на оваа култна електронска група, додека на истото место во четврток, 6-ти јули во живо ќе настапи австралиското хит трио RÜFÜS!



Изникнат од хип-хоп сцената, блузменот со карактеристичен глас, Rag'n'Bone Man е препознатлив по својот пирсинг и многубројни тетоважи, но и по висината, па меѓу пријателите, а и публиката, познат е како „нежниот џин“. Песната „Human“, веќе брои повеќе од 125 милиони „ЈуТјуб“ прегледувања, а пред недела дена тој ја објави и новата нумера „Skin“ која веќе ги бележи првите милиони прегледувања и пред појавувањето на официјалниот спот, исто како и неговиот дебитантски сингл „Lay My Body Down“ од 2014-та. Меѓу неговите фанови е и големиот Elton John кој деновиве јавно го пофалува, што претходно беше случај со Ed Sheeran по што тој набргу ги распродаде првите стадиони!


Долгогодишните пријатели Solomun и Dixon се меѓу петте првопласирани на листата на славниот магазин Resident Advisor, каде Dixon го држи и рекордот со четири години по ред на првата позиција. Двајцата се и меѓу петте најдобри на другата престижна листа, на сајтот Beatport, со тоа што тука Solomun е на тронот! Сопственици се и на двете најуспешни издавачки куќи во последните неколку години, Innervisions (Dixon) и Diynamic (Solomun) кои ги објавуваат антологиските нумери од современата електронска музика и со својот звук ги привлекуваат најталентираните продуценти како што се Recondite, Hot Since 82, Âme или David August.


Sister Bliss, музичката сила на легендарната група Faithless, е една од најважните личности на британската електронска сцена. Оваа талентирана мулти-инструменталистка ја започна својата кариера како една од првите женски хаус диџеи во Британија, а направи вистинска револуција на музичката сцена со Faithless и нивниот потполно поинаков звук. Резултат на работата на ова чудесно трио се шест топ 10 синглови и преку 15 милиони продадени плочи, како и бројни награди и гигантските хитови “Insomnia”, “Salva Mea”, “God Is a DJ” и “We Come 1”.


Електронското трио RÜFÜS веќе постигна значајни успеси во родната Австралија, каде што нивниот деби албум „Atlas“ заврши на првото место на топ листите, а истиот успех го повторија и со второто издание „Bloom“ на почетокот на 2016-та година. Бележат бројни награди благодарение на хитовите „You Were Right“, „Take Me“, „Innerbloom“ и бројни други кои бележат мултимилионски „ЈуТјуб“ прегледувања! Со комбинирањето на стилови, ги освоија и критичарите и публиката, настапувајќи и на фестивалските гиганти како што се Lollapalooza и Coachella, а повеќето концерти закажани за годинава им се веќе распродадени!

Влезниците за EXIT по промотивната цена од 3.580 денари се достапни во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат) и преку МКтикетс, официјалната продажна мрежа на EXIT фестивал во Македонија. Во продажба се и специјално скроените туристички пакети за Sea Star, Sea Dance и EXIT фестивалите, по цена веќе од 59 евра преку сајтот www.exittrip.org. EXIT тимот годинава поврзува дури четири фестивали во регионот во единственото EXIT Лето на љубовта 2017. Прв во низата е Sea Star, кој на 26-ти и 27-ми мај ќе се одржи во градот Умаг, следен е Revolution фестивалот во Темишвар на 2-ри и 3-ти јуни, а веднаш по EXIT фестивал, од 6-ти до 9-ти јули, следува четвртото издание на Sea Dance фестивал од 13-ти до 15-ти јули!


Спонозорирани линкови

Маркетинг