Зошто Русија ја продаде Алјаска, буквално за “смешна” сума?

Точка

24/01/2017

13:58

4.580

Големина на фонт

а а а

Русија во 1867-та година му ја продаде на САД територијата на Алјаска за симболични 7.2 милиони долари. А потоа, само во првите 50 години од владеењето над таа територија, Американците од неа заработија барем сто пати повеќе. Па како тоа царските чиновници можеа да направат нешто толку бесмислено?

Порталот “Руска реч” направи анализа на комплицираната приказна во врска со продажбата на Алјаска, во којашто има малку добри управници и многу алчност и сомнителни проценки.

Петицијата за припојување на Алјаска кон Русија, којашто е објавена на веб страницата на Белата куќа, веќе ја потпишаа повеќе од 35.000 лица. Многумина и до ден денес сметаат дека Американците буквално им ја “украле” Алјаска на Русите, или дека ја земале под наем, а потоа и не ја вратиле. Но, и покрај најразличните легенди, спогодбата била чесна, при што и двете страни имале добри и оправдани причини за да ја склопат.

Алјаска пред продажбата

Руската Алјаска во 19-от век била центар за меѓународна трговија. Во нејзината престолнина Новоархангелск (денес градот Ситка), се тргувало со кинески ткаенини, чај, па дури и мраз, којшто му бил потребен на југот на САД пред појавата на ладилниците. На Алјаска се граделе бродови и се подигале фабрики, а ископуван е и јаглен. Веќе биле откриени и бројни пронаоѓалишта на злато. Продажбата на ваквата територија навистина изгледа како неразумна и избрзана одлука.


Руските трговци на Алјаска дошле поради трговија со коски од моржови, коишто некогаш се ценеле како слоновата коска, како и поради трговија со драгоценото крзно на морската видра, којашто ја набавувале трампајќи се со староседелците. Со тоа се занимавала Руско-американската компанија (Российско-американская компания - РАК). Неа ја основале група на авантуристи, руски бизнисмени од 18-от век, храбри патници и шпекуланти. Компанијата била сопственик на целокупното производство и рударство на Алјаска, па можела самостојно да склопува трговски договори со други земји, а имала и свое знаме и сопствена валута – кожни “марки”.

Овие привилегии на компанијата ѝ ги овозможила царската власт, којашто од неа не само што собирала огромен дамок, туку во неа поседувала и акции. Помеѓу акционерите во РАК биле и руските императори и членовите на нивните семејства.

“Рускиот Пизаро”

Главен управник на руските населби во Америка во времето на нивниот најголем процвет бил талентираниот трговец Александар Баранов. Тој градел училишта и фабрики и ги учел староседелците да садат репка и компир. Градел многу објекти и бродоградилишта и ја ширел трговијата со крзно од морска видра. Себе си се нарекувал “руски Пизаро” е се приврзал за Алјаска, не само деловно, туку и со своето срце. Тој се оженил со ќерката на Алеутскиот водач.

За време на владеењето на Баранов, Руско-американската компанија имала огромни приходи – повеќе од 1.000% профит! А кога Баранов бил веќе во својата длабока старост и го напуштил работното место, бил наследен од страна на капетанот Гагермејстер, којшто со себе довел и нови соработници и акционери од воените кругови. Во тоа време, според статутот на компанијата, со неа можеле да управуваат единствено само офицери од Воената морнарица. Воените старешини оваа профитабилна работа набрзо ја земале под своја контрола, но токму нивните постапки ја довеле компанијата до нејзиниот конечен пропаст.

Алчноста и крајот на Руско-американската компанија

Новите газди на РАК на себе си си одредиле астрономски плати. Обичните офицери добивале по 1.500 рубљи годишно (што било споредливо со примањата на министрите и сенаторите), а шефот на компанијата добивал дури 150.000 рубљи – значи дури 100 пати повеќе! Додека во исто време цените по коишто тие го откупувале крзното од локалните жители биле двојно преполовени. Тоа довело за во текот на наредните 20 години Ескимите и Алеутите речиси потполно да ја истребат морската видра и Алјаска со тоа ја изгубила својата најпрофитабилна работа. Староседелците живееле во немаштија и подигале бунтови коишто Русија ги гушела, напаѓајќи ги селата на крајбрежјето од воени бродови.


Офицерите се обиделе да пронајдат нови извори на приход. Тогаш започнала трговијата со мраз и чај, којашто лошите бизнисмени исто така не успеале да ја организираат онака како што треба. При тоа, во ниту еден момент, воопшто не им паѓало на ум да си ги намалат своите плати. На крајот РАК преминала на државно дотирање од 200 илјади рубљи годишно. Но ниту тоа не успеало да ја спаси компанијата.

Тогаш започнала и Кримската војна. Против Русија биле Англија, Франција и Турција. Станало јасно дека Русија не е во состојба ниту да ја снабдева, ниту да ја штити Алјаска. Поморските патишта биле под контрола на непријателските бродови. Дури и можноста за добивање на злато станала неизвесна. Тие се плашеле дека непријателска Англија би можела да ја блокира Алјаска, што Русија би ја оставила без било какви можности во однос на оваа територија.

Во тој период, односите помеѓу Москва и Лондон станувале сè повеќе затегнати, додека односите со властите на САД, коишто тогаш не претставувале светска сила, биле посрдечни од било кога. Идејата за Алјаска да се продаде практично истовремено се појавила и од двете страни. И баронот Едуард Андрејевич фон Стјокл, претставник на Русија во Вашингтон, на барање на царот, отпочнал преговори со државниот секретар на САД, Вилијам Сјуард.

Руското знаме одбивало да се спушти

Додека чиновниците се договарале, јавноста и од двете страни се изјаснила против ваквата спогодба.


“Како да ја дадеме земјата во чијшто развој вложивме толку многу сила и време, земјата во којашто е воспоставен телеграф и кадешто се откриени пронаоѓалишта на злато?”, пишувале руските медиуми.

“Што ќе ѝ е на Америка една празна територија, полна со мраз и 50.000 диви Ескими коишто за појадок пијат рибино масло?”, протестирале пак медиумите во САД, и не само тие, туку против ваквата спогодба биле и Сенатот и Конгресот.

Па сепак, на 30-ти март во 1867-та година во Вашингтон е потпишан договор за продажба на половина милион хектари руска територија на Соединетите Американски Држави за 7.200.000 долари, чисто симболична сума. Толку евтино не се продавала дури и необработливата земја во Сибир.

Официјалната продажба на територијата била реализирана во 1867-та година во Новоархангелс. Американската и руската војска се построиле покрај столбот со знамето, од коешто проследено со топовски истрели започнало спуштањето на руското знаме. Меѓутоа, знамето се заплеткало на самиот врв. Морнарот којшто се качил за да го отплетка го фрлил долу и тоа случајно паднало право над руските бајонети. Лош предзнак!


После тоа Американците започнале со реквизиција на зградите во градот, којшто добил и ново име – Ситка. Неколку стотина Руси, коишто не сакале да примат американско државјанство, биле принудени да се евакуираат во трговски бродови и во татковината пристигнале дури следната година.

А потоа, после краткиот период на “празна земја полна со мраз” започнале да течат реки од злато. На Алјаска започнала Златната треска во Клондајк, којашто на САД им донесе баснословно богатство. Секако дека Русија мора да чувствува жалење. Меѓутоа, никој не може да знае какви односи би завладеале во светот кога оваа купопродажба не би се случила.


Спонзорирани линкови

Маркетинг