Големо откритие: Научници успеале да преведат комуникација на лилјаци

Точка

29/12/2016

14:30

7.109

Големина на фонт

а а а

Со помош на напреден алгоритам, научниците успеале да ги преведат звуците кои што ги испуштаат лилјаците и да откријат многу повеќе за нивниот свет и комуникација.

Науката до денес има докажано дека постои основна комуникација помеѓу животните, безразлика на тоа дали таа е во облик на погледи, мириси или звук. Сепак, научниците од универзитетот во Тел Авив во Израел, откриле дека, барем кога се во прашање лилјаците, нивната „сложена“ комуникација е повеќе од јасна.

Истражувањето покажало дека кога ќе се собере една група на лилјаци, тие „разговараат“ за точно одредени проблеми.


Јоси Јовел и неговите колеги научници следеле група од 22 лилаци од видот Rousettus aegyptiacus во период од 75 дена. Со помош на модифициран алгоритам кој што првобитно бил развиен за да препознава човечки глас, научниците внесле повеќе од 15 илјади различни звуци кои што ги испуштаат лилјаците. Аудио податоците потоа научниците ги поврзале со видео снимките од леглата за да утврдат дали има врска меѓу звукот и конкретните ситуации.

Научниците утврдиле дека звуците не само што не се случајни, туку и дека дури 60 проценти од нив можат да се анализираат и да се сместат во четири категории: расправија околу храна, расправа околу позицијата на спиење, повици за парење и расправија поради преголемата близина на една од друга единка.


Тоа што најмногу ги изненадило научниците е тоа што лилјаците на благо поинаков начин им се обраќаат на различни единки во групата, нешто што го прават луѓето. Со оглед на тоа што луѓето и делфините досега беа единствените видови за кои што е познато дека се служат со индивидуално обраќање, откритието објавено во магазинот Scientific Reports може да биде од пресудно значење за понатамошното истражување на „јазикот на лилјаците“.

Јовел и неговиот тим ќе го продолжат истражувањето не само за подетално да ја мапираат комуникацијата помеѓу лилјаците, туку и за да утврдат како тие го учат овој јазик и дали се служат со истата комуникација и кога се надвор од леглото.


Спонозорирани линкови

Маркетинг