Софка Камилоска: Кога готвам и на глас да планираш убиство, нема да те слушнам

Точка

26/12/2016

15:49

14.404

Големина на фонт

а а а

Горда галичанка, вљубена во вкусови, сака пица со лук, растена е на козјо млеко, најстара од три деца. Ја знаете од „Софка за двајца“ на офф.нет или од град. Како и да е, ако ја знаеш, ја сакаш. Едноставно е :)

Сончев зимски ден во Скопје. Со Софка се договараме каде да се сретнеме за да го направиме интервјуто, решаваме дека ќе се шетаме по уличките позади Универзална сала. Некаде на пола пат сфакам дека тоа мене не ми одговара бидејќи раката со која го држам диктафонот ми премрзнува а немам ракавици со мене, но Софка е толку шармантна како соговорник, па брзо заборавам на тоа и уживам додека ја слушам како ми раскажува... за Галичник, за нејзиното детство, семејство, готвењето, како се заљубила во вкусовите...


Нашата прошетка и разговор заврши пред пица на парче, од омиленото место на Софка. „Ги печат на дрва“, така таа ми рече со воодушевување, а мене во тој момент ми стана јасно колку многу таа ја сака храната и начинот на нејзиното подготвување.

Кога помислувам на тебе ми текнува на Галичник, коњи, сирење, планини...



На тоа те потсетувам? Да, комплетно.

Колку од Галичник носиш со себе во секојдневниот живот?

100 % ... тешка галичанка сум.

Какво беше детството во Галичник?

Таму пораснав, таму ми беа првите зборови. Моите ме оставаа таму преку лето, цело лето, три месеци. Се сеќавам како многу мала дека ја спомнував мајка ми само кога ќе ја видам, кога ќе дојдат да ме земат, претходно воопшто. Бидејки летото таму ми беше совршено.
Дедо ми чуваше и кокошки и кози, пораснав на козјо млеко...

Ти и Хајди

(се смее) Да. Ги имам бркано кокошките низ двор, се сеќавам дека со братучед ми проверувавме дали имаат јајце внатре, ги молзевме козите.

Сите околни планини ги имам прошетано со целото друштво кое го имам таму.
Во еден период од моето растење на ми беше омилено, можеби и се срамев од моето потекло. Но сега, кога сум порасната, како стареам... сум многу горда на Галичник, горда сум дека сум галичанка.

Ти си најстара од три деца?

Да, сите ќутеци јас ги имам изедено (се смее)

Мислиш ли дека најголем товар носат најстарите деца?



Мошно е. Јас знам дека ги имам израснато брат ми и сестра ми. Прво брат ми, па сестра ми. Секогаш кога излегував, брат ми сакаше да оди со мене, со постарите... Сестра ми ја буткав во количка и другарите ме зафркаваа. Пораснав со машки, само јас бев женско и игравме „џамлија на ќар“, знаеш?! Па, ме зезаа дека додека ја шетам сестра ми во количка одам по трафики и купувам џамлии, дека не сум ги ќарила. Но убаво е, убаво е да се расте со повеќе деца. Тоа сега го сфаќам, на овие години. Затоа што кога ќе се собереме дома на фамилијарен ручек, а тоа често го правиме, нема поубаво... едноставно душата ти е полна. А ние сме таква фамилија, врзани сме како црева (се смее), посебно јас со брат ми и сестра ми.

Ќе зборуваме за твоето готвење, но додека стигна да го работиш ова што го работиш сега... Низ што се помина?



Мојата прва работа, беше на 14 години, во ресторанот на татко ми. Во ГТЦ имаше ресторан, „Софка“, ти си помала од мене, не знам дали ќе се сетиш. Ми рече дека морам да работам и дека ќе работам таму. Ме зема со него и прво миев чаши во шанк. После тоа ме унапредија во кујна, во кујна миев тањири. (се смее) Напредував во кариерата.

Кога немаше работа, бидејќи татко ми правеше најубави ладни сендвичи во домашни чепчиња, кога немаше толку работа почнав и јас да правам сендвичи. Па потоа ми даваа да сецкам и да помагам и со други работи. Не се задржав долго таму, имав обврски со училиште а се запишав и на одбојка, која комплетно ме обзема. Активно тренирав дванаесет години, односно повеќе, но дванаесет професионално. Пола живот го поминав во сала, тренирајки одбојка. Сега мислам дека не би го правела тоа повторно, не би играла пак. Не знам зошто, можеби бидејки ме мрзи. Љубовта за храната ми се појави повторно, кога работев на брод. Кога заминав да работам не знаев каде и зошто одам, знам дека сакав да заминав. Претходно беше брат ми и јас по него. Првата работа ми беше како собарка. Тоа не беше работа за мене, побарав да ме преместат и ми предложија да работам во ресторан. Почнав како асистент келнер и ми дадоа куп книги да учам за сосови и вкусови. За три месеци ме унапредија, но не бев многу сконцентрирана на тоа што го работам. Добро заработував па некако дистракциите ми беа поинтересни од работата. Да излезам, да одам во бар, да се забавувам... Интересно беше дека секое утро ни правеа тест, не испрашуваа за менито. Дали и колку сме го научиле, дали ги знаеме сите состојки. Има многу термини кои мора да знаеш што значат и што тоа јадење содржи во себе, за да можеш убаво да објасниш доколку некој од гостите те праша. Некои работи ги учев на памет и сфатив дека тоа не е добро, се фатив себе си дека се чувствувам како во средно кога немаш добро научено и се молиш да не те прашаат баш тебе дента (се смее). Си реков „Ок Софка, срамота е!“, и почнав да купувам книги, но не со рецепти туку со состојки. Сите состојки, од каде се, како се спаруваат, како се употребуваат... Како што почнав да го истражувам тоа, почнав да одам во кујна да гледам како се подготвува храната и да ги прашувам готвачите за процесот. Тоа толку ми влезе под кожа што дома се вратив со плус уште еден куфер од 25 кг, полн само со книги. Многу се заразив, почнав да готвам и да експериментирам, но само по дома никогаш професионално.


Со брат ми отворивме и едно ресторанче во Капиштец, кое што не беше успешна приказна бидејки се уште бевме млади и не е едноставно да се работи ресторан само од љубов, треба да знаеш. Кога таа приказна заврши повторно заминав на брод и кога се вратив се сретнав со братучед ми Јурук од офф.нет. Секогаш им ги гледав рецептите кои ги ставаат на сајтот и забележував дека не обрнуваат многу внимание на тоа. Кога го сретнав Јурук му спомнав за тоа и му велам – „Дајте јас ќе го правам тоа, ќе наоѓам рецепти, и ќе ги апдејтувам“. Се договоривме да се сретнам со Трендо и кога се видовме тој ми рече – „Не! Нема така да го правиме сега тоа, ќе правиме некако поинаку“ (се смее)... Немав поим за што ми зборува, веројатно и тој, бидејќи тој проект го подготвувавме цела година. Ќе се најдеме на кафе, ќе се запиеме ракија, па чекај сега не, ќе зборуваме друг ден. Но неприметно си правевме, малку по малку, идеја за да излезе тој проект како што е сега.

Мене ми е еден од најубавите продукти кои постојат на интернет во моментов. Редовно те читам, тоа веќе ти го имам кажано. Мене ме интересираат приказните во „Софка за двајца“. Ти треба ли долго време за да ја склопиш приказната или секое јадење си има сопствен расказ кој ти само го запишуваш?



Сама по себе доаѓа. Кога го подготвувам јадењето, секогаш го сликам во процесот и вечерта седнувам да пишувам и во моментот се инспирирам. Дали тоа јадење ме потсетува на детството или е одраз на тоа како се чувствувам јас во моментот додека го јадам... се ми е моментална инспирација.

Се претвараш ли во друг човек кога си во кујна? Дали си наци фирер, па не сакаш луѓето да ти се мешаат, да пробуваат додека подготвуваш. Која е Софка кога готви?

(се смее) Три четири ги има. Не сакам да ми се мешаат додека готвам, затоа што внесувам еден вид на концентрација која ни сама не знам да ја објаснам, комплетно сум фокусирана. Со готвењето сфатив дека не сум мултитаскинг... кога готвам што и да ме прашаш или да зборуваш на глас дека планираш убиство (се смее), нема да те слушнам. Многу уживам кога готвам... ми се раѓа среќа. Се лачат ендорфин, серотонин...убаво ми е

А сакаш ли да јадеш? Имам слушнато дека луѓето кои готват се хранат од мирисот додека ја подготвуваат храната, што пробуваат...



Додека готвам, ако готвам многу, цел ден ако сум во кујна, кога ќе седнам на маса залче не можам да ставам во уста... Но со сила го јадам.

Затоа што си е твое!

Затоа што си е мое и бидејки е убаво (се смее)

Кога не готвиш, што сакаш да јадеш... што ти е guilty pleasure?

Пицаааа

Имаш омилен вкус? Мене ми е пример омилена пица со лук...

Лук!? Секогаш... во сите форми. И јас исто ја нарачувам таа со лук, а ако немаат замолувам да стават малку лук. Лук е цар! Кога ќе растопам путер и ќе ставам лук, мирисот што се шири мене ми е афродизијак, се ежам.

Што е она што го правиш секогаш иако знаеш дека е погрешно, но е предобро за да престанеш?



Се терам себе си да престанам да јадам на полноќ, ама толку многу ми е убаво. Имам грижа на совест, некогаш, некогаш немам. Но секогаш, следното утро, се прекорувам.

Мислиш ли дека конечно го најде тоа што ќе го работиш цел живот? Вредеше ли потрагата?

Мислам дека го најдов. Го знам тоа бидејки сакам да одам на работа, секој ден.
Кога работиш и се чувствуваш како да твориш и си горд на конечниот продукт, мислам дека тоа е правото чувство.

ЗА АВТОРОТВо овој дел на порталот „Точка.мк“ ќе можете да ги следите моите интервјуа.

Тие ќе ги следат сетилата на гостите, односно нивното согледување на светот и животот низ петте основни сетила (вид, слух, мирис, вкус и допир) и интуицијата како шестто сетило. Холистички пристап кој ќе дозволи интимно да ги запознаете моите говорници.

Отсекогаш сметам, дека една од моите најголеми предности е опкружувањето со луѓе кои не се плашат да им веруваат сетилата и кои дозволуваат оние околу нив да учат низ нивното искусување. Тоа се надевам, дека на овие „страници“ ќе најдете инспирација, идеја, начин, поинаков поглед, ќе откриете нова уметност, филм, книга, музика...

Искрено сонувам дека овие интервјуа ќе отворат теми за размислување, идеи, начин на соочување со реалноста што кај Вас ќе предизвика скокоткање на разбудена фантазија.

На кое од Вашите сетила Вие најмногу се потпирате? :)

Искрено,
Ана




Спонозорирани линкови

Маркетинг