Анализа: Загревањето на домаќинствата најмногу го загадува воздухот во Скопје

Макфакс

16/12/2016

12:26

1.283

Големина на фонт

а а а

Најголемото загадување со ПМ10 честички во воздухот во Скопје потекнува од загревањето на домаќинствата.

Според Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопскиот плански регион што го изработија Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, загадувањето од загревање на домовите е 32%, потоа следуваат сообраќајот со 20%, прашината создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности – 19%, индустријата – 18%, сулфатните соли – 7%, нитратните соли – 2%, и прекуграничниот пренос на загадувачки супстанции – 2%.

Овие податоци беа објавени на презентацијата на Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух на подрачјето на Скопскиот регион, на Краткорочниот план за квалитет на воздухот во Скопскиот регион и на Интегрираниот катастар на загадувачите на животната средина што се одржа во петок во просториите на Град Скопје.

„Обврската за преземање мерки за заштита на воздухот од загадување не е само на Град Скопје, туку на сите 17 општини од Скопје и од скопскиот регион. Не може само од Градот Скопје да се чека да ја заврши работата. Затоа, ги повикав сите 17 градоначалници да присуствуваат на оваа презентација и да се вклучат во активностите за намалување на загадувањето, заедно со сите државни институции“, рече градоначалникот Коце Трајановски, во своето обраќање пред присутните.

Во петок беше презентиран и Интегрираниот катастар на загадувачите на животната средина – документ што е неопходен на Градот Скопје зашто дава целосна слика за состојбите во животната средина, како и сознанија за загадувачите кои не се во негова надлежност, а за кои нема подетални информации.

Овие податоци отвораат можност навреме да се преземат мерки до надлежните органи и институции на централно и локално ниво за да се спречат или надминат евентуалните нарушувања на животната средина во градот.


Спонзорирани линкови

Маркетинг