Анализа: Просечниот Македонец живее исто како лани – јаде многу леб, а малку месо

Денар

07/12/2016

15:44

3.478

Големина на фонт

а а а

Минимално намалување на трошоците на живот, минимално зголемување на просечната плата и речиси непроменета потрошувачка кошница.

Споредбената анализа на податоците од Државниот завод за статистика и Сојузот на синдикати покажува дека просечниот Македонец живее речиси исто како и пред една година. Лебот и компирот остануваат прв прехранбен производ, а месото и рибата на трпезата се додаваат „само за вкус“.

ДЗС: минимално намалување на трошоците на живот

Трошоците на живот се намалени за 0.2% во ноември 2016-та во однос на ноември 2015-та. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) најмногу поевтиниле категориите „останати стоки и услуги“ (-2.0%); потоа храна и пијалаци (-1.5%), здравје (-1.4%), рекреација и култура (-0.9%), домување и комуналии (-0.5%) и образование (-0.1%). Истовремено најмногу поскапеле алкохолот и цигарите (+5.0%), мебел и покуќнина (+3.6%), ресторани и хотели (+1.6%), комуникации (+1.3%), транспорт (+0.7%). Кога се ќе се собере вкупните трошоци на живот се намалиле за 0.2%.


ДЗС: минимално зголемување на просечната плата

ДЗС пресметал и дека просечната плата пораснала за 1% во септември годинава во однос на истиот месец лани.

Ваквиот раст се должи пред се на поголемите примања во секторите градежништво (9.6%), земјоделство (7.2%), информации и комуникации (5.5%).

Во септември 2016 година 1.2% од вработените во Македонија не примиле плата.

ССМ: синдикалната кошница речиси непроменета

Потрошувачката кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати (ССМ) во октомври годинава била два денари „полесна“ во однос на истиот месец лани.


Според пресметките на ССМ за едно четиричлено семејство да го протурка месецот се потребни 32.254 денари.

Најголем дел од овие пари (41%) одат на храна и пијалаци, потоа на трошоци за домување (33%), па хигиена (7%), превоз (7%), облека и обувки (6.5%), култура (3.5%) и здравје (2%).

На трпезата најмногу леб и компир, најмалку месо и риба

Македонецот во просек секој ден јаде по 199 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз.

Од зеленчукот најмногу се консумира компир, по 81 грам на ден, потоа грав по 16 грама, кромид и лук 27 грама, зелка 28 грама, домати 41 грам, пиперки 62 грама и краставици 18 грама.


Од овошјето најмногу се троши јужното, по 44 грама на ден, потоа лубеници и дињи 31 грам, јаболка 30 грама, грозје 29 грама, кајсии и праски 12 грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 33 грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко 19 грама, 18 свинско грама, свежа и замрзната риба 14 грама. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по 28 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 102 грама млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и 29 грама сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по 37 грама шеќер, 7.6 грама кафе и какао и 18 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.73 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Потрошувачката на цигари оди во нагорна линија. Според ДЗС Македонецот во просек во 2015-та пушел по 2.33 цигари на ден, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Податоците се од публикацијата на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2015-та“.


Спонзорирани линкови

Маркетинг