Некој мора да „настрада": Еве што ќе им донесе на Иранците и на Асад ерата на Доналд Трамп

Точка

01/12/2016

19:00

8.167

Големина на фонт

а а а

Зближувањето на Вашингтон со Москва и Техеран може да биде многу опасно за сирискиот претседател, пред се затоа што Иранците немаат став „Асад или ништо“.

За генералите на иранската елитна Исламска револуционерна гарда, цврстиот антиамерикански став е неизоставен дел од нивниот поглед на светот. Сепак, на изненадување на многмина, командата на Гардата досега беше благо наклонета кон Доналд Трамп. Се чини дека Иранците исто како и Русите, се надеваат дека благодарение на Трамп, САД ќе се повлече од Блискиот исток барем во текот на неговиот мандат.

Прв голем тест ќе биде Сирија и тамошниот претседател Башар Ал Асад со кој што Иран има комплицирано минато. Доколку Трамп одлучи да се договори со Русија и Иран околу Сирија, новиот американски претседател би можел да биде далеку повлијателенво врска со иднината на Асад од тоа што се претпоставуваше.

Пријателскиот Иран?

Засега, политиката на Трамп кон Сирија е енигматична, а како таква донесе и оптимизам во Москва, Дамаск и Техеран. Асад неодамна изјави дека Трамп „може да биде природен сојузник во борбата против тероризмот“, односно со други зборови Трамп може да се најде на иста страна со Русија и Иран кои што се најактивни заштитници на режимот на Асад.


Надежта на Асад не е неоснована. Трамп во текот на кампањата покажа дека тежнее кон поедноставени погледи на светот, а сириската опозиција ја стави на исто рамниште со ИСИС, додека пак Асад го окарактеризира како помало зло.

„Не велам дека Асад е добар, но тој ги убива терористите. Русија ги убива терористите, Иран ги убива терористите. Тие три земји сега се здружија поради нашата неспособност да ги решиме работите“, изјави Трамп за време на дебатата со Хилари Клинтон.

Тоа беше музика за ушите на руските и иранските власти. Одеднаш, не само што се отвори можност за постигнување на договор кој што би им овозможил на Москва и Техеран да стават крај на војната во своја корист, туку и опстанок на режимот на Башар Ал Асад. Поради тоа воопшто не зачудува тоа што Иранците се отворени кон Трамп, за разлика од што беа кон неговите претходници.

Највисоките функционери од иранското министерство за одбрана изразија надеж дека Трамп може целосно да направи пресврт во односот на САД кон Иран, како и за тоа дека Ирак и Сирија можат да бидат двете клучни точки во кои што САД ќе се приближат кон руската и иранската позиција. Со оглед на тоа што Иранците немаат став „Асад или ништо“, ова може да биде нивната шанса конечно да се зближат со САД.


Што ќе се случи со Асад?

Напорите на Русија и Иран и натаму да ја зајакнат позицијата на Асад сигурно ќе продолжат во следните неколку месеци, но сепак, не може да се каже дека Техеран во било кој момент јасно ја дефинирал својата поддршка за сирискиот претседател.

Според зборовите на поранешниот амбасадор на Иран во Дамаск, поранешниот претседател на Иран, Махмуд Ахмадинеџад гледал на режимот на Асад како на „диктатура осудена на пропаст“ и не сакал да му понуди помош кога протестите против Асад започнувале. Дури и највисоките луѓе од иранската Исламска револуционерна гарда се двоумеле околу идејата дали да му се помогне на Асад.

Дури во 2012-та година се зацврстила идејата за помош на Асад затоа што во меѓувреме војната се искомплицирала, а геополитичките улоги пораснале. Соочувајќи се со заканата за јакнење на турското и саудијското влијание во непосредното соседство, Техеран стана еден од главните бедеми на режимот на Асад.

Сепак, после пет години војување и речиси половина милион мртви, на генералите на иранската Исламска револуционерна гарда им е се потешко да ги оправдаат загубите поради одржувањето на Асад на власт. Во врска со тоа, најважната улога ја одиграа медиумите. Асад е претставен како арапски херој и еден од носителите на отпорот против Израел.

Покрај тоа, Сирија е многу важна земја за контактот помеѓу Иран и Хезболах. Како што еден ирански генерал изјавил, да не била Сирија преку која што иранските проектили пристигнуваат до Хезболах, Израел одамна ќе ги бомбардирал иранските нуклеарни електрани.


На крајот, тука е и емотивната приврзаност кон Асад. Пред падот на проамериканскиот режим, многу револуционери исламисти се засолниле во Сирија во која што тогаш владеел Хафез Ал Асад, таткото на Башар Ал Асад. Таткото на Асад бил меѓу првите кои што ја признале новата Исламска Република Иран, а за време на иранско-ирачката војна, Сирија била еден од главните сојузници против Садам Хусеин.

Иако вестите околу оваа тематика можат да се видат секојдневно во иранските медиуми, историјата е малку покомплицирана. За време на осумдесетите години од минатиот век, Асад и Иранците биле и ривали. Се натпреварувале за влијание во Либан, а најскорешниот пример за несогласувањето меѓу Сирија и Иран се случил во 2000-та година кога протекоа информации дека Сиријците во тајност преговараат за постигнување на мир со Израел.

Имајќи ги во предвид овие историски факти кои што потврдуваат дека сојузот на Асад со Иранците не е така цврст, во случај Трамп да се одлучи на компромис, клучен фактор во преговорите ќе биде нивото на поддршка на Техеран на Асад.

За сириската опозиција, заминувањето на актуелниот претседател не претставува прашање за кое што треба да се расправа, а за Иранците можеби. Одлуката за судбината на Асад може да донесе две работи – продолжување на крвавата граѓанска војна во Сирија, или пак политичко решение. Токму за тоа новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе треба да преговара со своите колеги од Русија и Иран.


Спонзорирани линкови

Маркетинг