Анализа на Извештајот на ЕК: Немање на политичка волја за реформи и огромни назадувања во многу области

Макфакс

11/11/2016

14:24

915

Големина на фонт

а а а

Последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во изминатата година јасно укажува на недостатоците во оние области кои се сметаат како клучни за европската интеграција на земјата, но како и претходните извештаи, сите забелешки кај властите поминуваат незабележано и состојбата од година во година станува се полоша и полоша, коментираат присутните на дебатата „Итни реформски промашувања“, во организација на Македонскиот центар за европско образование и Фондацијата Отворено општество Македонија.

Компаративната анализа, пак, изработена од страна на овие две организации детално ги објаснува сите забелешки на Европската комисија и препораките на коишто треба да се обрати внимание. Според директорот на МЦЕО, Бојан Маричиќ, иако е евидентно дека во овој последен извештај, поважни се подготовките на предвремените парламентарни избори отколку реформите коишто треба да се спроведат, јасно е дека прстот сега е вперен кон политичките лидери и немањето на политичка волја за овие работи.

„Може да се забележи дека има јасно вперување на прст во политичкото ниво на спроведувањето на реформите, односно на немањето напредок. Не може веќе да се зборува само за тоа дека институциите немаат доволно средства, туку дека ова ниво е надминато и дека нема политичка волја за спроведување на реформи. Македонија се квалификува како заробена држава и како држава која што е во длабока и постојана политичка криза“, вели Маричиќ.

Според него, овој Извештај е можеби и последната шанса за да се направи нешто во поглед на евроитеграциите, и по одржувањето на изборите, под услов да се фер и демократски, новата влада да преземе и потоа реализира доследна реформска агенда.

„Важно е оваа агенда да не се остава само на владата, на било која влада, а досега се покажа дека досегашната влада нема никаков реформски капацитет, нити пак можеме да очекуваме некакви реформи од неа. Потребно е владата да прави реформи но тоа да го прави заедно и со опозицијата, како и со зголемена улога на Собранието, и со граѓанското општество, но и со сите засегнати страни кои што можат да помогнат во тоа. Реформската агенда не треба да биде само владина агенда, туку и општествена агенда“, смета Маричиќ.

Според директорот на Фондацијата Отворено општество Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, економскиот критериум, покрај политичкиот е уште еден голем проблем за земјата, односно ЕК смета дека водењето на јавните финансии во земјата е тотално погрешно.

„Доказ за тоа се постојано растечките буџетски дефицити. Иако проекциите велат дека тие ќе се намалат, реализацијата покажува дека редовно во изминативе 3-4 години процентот на буџетски дефицит постојано е зголемен. Комисијата исто така коментира дека нема основа да се намали внатрешното задолжување и буџетскиот дефицит заради тоа што мерките на владата се несоодветни, односно тие мерки се базираат на оптимистички проценки за тоа како ќе расте економијата. Втората забелешка е тоа дека не може да се верува дека владата е посветена на фискална консолидација и намалување на внатрешниот долг бидејќи често во изминатите години често имаше пораст на пензиите, на социјалните трансфери и зголемување на платите во јавната администрација, нешто што претходно не беше испланирао и последиците не беа земени предвид“, вели таа.

Покрај задолжувањето на државните институции, она што загрижува е и задолжувањето кое се појавува кај приватниот сектор, а невработеноста, пак, како и во изминатите години повторно останува висока, особено кај младата популација. „Во однос на невработеноста, тоа се забелешки кои се нотирани во последните години, односно дека невработеноста останува висока, особено кај младите и кај оние кои долго време бараат работа, што укажува на тоа дека земјата има структурен проблем. Кога целиот систем не може да генерира нови вработувања, односно младите кои имаат вештини не можат да ги задоволат барањата на пазарот на трудот, дури и порастот на економскиот раст односно на БДП којшто може да се случи, не е гаранција дека ќе се зголеми вработеноста. Тоа е пред се поради тоа што нема кадар којшто може да ја дополни таа потреба на пазарот на трудот“, додава Каранфилова-Пановска.

Поглавјето 23, пак, посветено на владеењето на правото, е едно од најважните поглавја од пристапните преговори со ЕУ, а Македонија како земја кандидат има голема назадувања во оваа област, смета Уранија Пировска, директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

„Постои политичко влијание во сите сегменти и институции кои се задолжени за правата на граѓаните, од што се наметнува заклучокот дека не може да зборуваме за каков било напредок. Се наведуваат и забелешките од минатогодишниот извештај, односно за слободата на изразувањето, затворскиот систем и поставувањето на надворешен механизам за надзор на работата на полицијата. Кога станува збор за затворскиот систем и полицијата, препораките се исти како што беа во последните 10 години, особено за затворскиот систем. Македонија неколку пати беше во позиција да добие најлоша оценка и да биде прозвана од Комитетот против тортура, на пример Чеченија има добиено една таква опомена, но Македонија овојпат некако се извлече“, вели Пировска.

Според нејзе, Извештајот на Комисијата, иако е многу потранспарентен во однос на претходните, е сепак задоцнет и земјата треба да добие еден ваков извештај многу порано. „Иако е многу потранспарентен и подобро ги отсликува состојбите, Извештајот едноставно е задоцнет, тој требаше да ни се случи после декември 2012-та, односно по „Црниот понеделник“. Дикцијата е многу слична со извештајот на Прибе и ЕК овојпат не можеше да ги избегне квалификациите од извештајот на Прибе, како и фактичката состојба, и мораше да се движи во таа насока. Што се однесува до судството, нашата препорака, пак, е дека сметаме дека треба да се случи разрешување на членовите на Судскиот совет за да може дојде до независен и непристрасен избор на судии коишто би работеле во судското одделение или Специјалниот суд, кое и решение да се избере, коишто би постапувале по барањето на СЈО“, заклучува Пировска.


Спонозорирани линкови

Маркетинг