Transparency International: Политичките елити на Балканот имаат преголема моќ

Макфакс

10/11/2016

16:49

1.338

Големина на фонт

а а а

Борбата против корупцијата во земјите од западен Балкан и Турција заостанува, што го доведува во ризик пристапувањето на овие земји во Европската унија (ЕУ), се оценува во извештајот на организацијата Transparency International, објавен во четвртокот, пренесува РСЕ.

Во извештајот се наведува дека политичките елити имаат преголема моќ, а меѓу останатото стои дека нивото на корупцијата и слабото управување во земјите од западен Балкан и Турција ја става во опасност и онака кревката стабилност во овој регион.

Иако многу од земјите кои се опфатени во овој извештај (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција) презеле силни чекори за развој на антикорупциски систем, напредокот е бавен и воглавно тој е само на хартија. Законите се донесени но не се спроведуваат, а независноста на медиумите и граѓанското општество исто така се изложени на закани.

Во извештајот стои дека политичките партии се најмалку транспарентни, имаат најголема моќ и ретко се санкционирани поради корупција, што силно влијае врз останатите столбови на националните системи. Кршењето на правилата за време на изборните кампањи скоро никогаш не се санкционирани, а тие што имаат многу пари можат да влијаат на изборите, се заклучува во извештајот.

Примери на директна и индиректна манипулација на политичките системи во регионот има многу: обиди за купување на гласови (БиХ, Црна Гора), манипулација на медиумското покривање на политичките противници (БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија, Турција), отпуштање на државните службеници кои не се поврзани со владејачката елита (Македонија), распад на опозициските партии на основа на обвинувања за загрозување на државната безбедност (Турција), давање на ограничена државна помош на помалите опозициски партии (Црна Гора, Турција), злоупотреба на јавните средства за изборни цели (Црна Гора, Србија) и партиска контрола на државните претпријатија (сите земји од западен Балкан).

Медиумите и институциите на граѓанското општество ширум регионот се изложени на директни и индиректни притисоци, вклучувајќи и физички закани и напади (Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија, Турција), дискредитирачки кампањи и тужби за клевети (Албанија, БиХ, Македонија, Србија), финансирање на провладини медиуми преку партиски средства (БиХ, Македонија) и користење на даночни инспекии и нееднаква примена на законот поради заплашување на медиумите кои ја критикуваат владата (БиХ, Македонија, Турција).

Медиумскиот сектор во сите земји се карактеризира со контрола од страна на владејачката структура и надворешно мешање кое доведува до автоцензура, што ги оневозможува медиумите независно да известуваат. Во извештаите се понудени и клучни препораки: влијанието над судството и обвинителството мора да биде намалено во корист на обезбедувањето на транспарентни и објективни системи за именување и разрешување на судии и обвинители, сите обвинувања за закани и насилство над новинари и претставници на граѓанското општество мораат да се испитаат без одложување, а за оние обвинувања за кои ќе се утврди дека се основани да се спроведат соодветни казни, потоа да се има поголем и координиран увид во финансирањето на активностите и кампањите на политичките партии, како и кршењето на изборните прописи да биде доследно казнувано.


Спонозорирани линкови

Маркетинг