Билјана Серафимовска: Најмладата Македонка која "ги освои" Мон Блан, Елбрус и Килиманџаро

Точка

22/08/2016

18:46

12.403

Големина на фонт

а а а

Кога за оваа млада дама би ви кажале дека го освоила највисокиот врв на Алпите, Мон Блан и дека станала најмлада Македонка којашто воопшто некогаш стапнала на тој врв, приказната не завршува тука. Таа е и најмладата девојка воопшто од Балканот којашто успеала да стапне на покривот на Европа, Елбрус, а неодамна таа го освои и највисокиот врв во Африка. И нејзината приказна секако не завршува тука...

Билјана Серафимовска е член на ЗСКК "Но Лимитс" - Струмица, a со спортско качување и планинарење се занимава од нејзината шеста годинa.

Билјана неколку години по ред беше шампионка во спортска ориентација и во спортско качување во Македонија, и пет години дел од македонската спортско качувачка репрезентација. Во 2006-та година стана Вице-шампионка на Југо-Источна Европа во спортско качување на првенството во Волос - Грција.

А пред неполни десет дена, во раните утрински часови по локално време, струмичанката Билјана Серафимовска се искачи и на највисокиот планински масив во Африка, Килиманџаро, којшто всушност се состои од три вулкани, од кои највисокиот врв изнесува 5.892 метра надморска височина.


Па, освен најмлада Македонка којашто некогаш стапнала на Мон Блан, Елбрус, Алјанд Пик... Серафимовска доби свое место и помеѓу најмладите македонци кои некогаш воопшто стапнале на Килиманџаро.

Колкава е среќата, но и гордоста, да се добијат овие титули, и да се освојат планински масиви како Мон Блан, Елбрус, Ајланд Пик, Аконкагва и Килиманџаро?

Билјана: Тоа е секогаш различно, но сепак ние не ги освојуваме врвовите, но можеби ги искачуваме со цел да освоиме себеси, што е поразлично. Искачувањето на високите планини има друга димензија на реалност, зашто светот во височините е поинаков.

Секако, за да отидеш на експедиција најпрво навистина посакуваш да се оствари тој сон, и секогаш е прекрасно чувството кога последниот ден се доближуваш до врвот, и сваќаш дека е реалност! Тој момент е навистина неопислив и многу личносен, исполнет со многу емоции, чувства и радост.


Како, кога и каде започнува приказната со планинарските авантури кои од страствено хоби преминуваат во страствена љубов и тоа од толку "мали нозе"?

Билјана: Уште многу, многу одамна... Мојот татко Серафим, беше дел од првата Македонска Хималајска експедиција за освојување на Монт Еверест во 1989 година, како и многу други сериозни експедиции, и тие реално – нивната генерација беа најдобрите алпинисти во историјата на Македонија.

Јас растев во таква спортска атмосфера, патувавме цело семејство за припремите на татко ми, па се се случи многу спонтано. Потоа со брат ми трениравме спортско качување, патувавме низ светот и можам да кажам дека имав едно прекрасно детство.

Што успеа досега да освои Билјана?

Билјана: Мојата прва љубов беше спортското качување. Со брат ми имавме наша болдер вежбална каде трениравме. Тој е еден од ретките македонци кој качува 8б на природна карпа и многу години беше шампион во сите дисциплини, а пак јас неколку години бев шампионка во Македонија, и вице-шампионка на Балканот во тежинско качување за 2006 година.

Потоа... следната година одлучив дека сакам да го искачам Мон Блан, и тоа тогаш беше голем сон, затоа што имав само 16 години, и не е исто да качуваш високи планини кога си толку мал.


После Мон Блан (4 810 мнв) следуваше највисокиот врв на Европа – Елбрус ( 5 642 мнв), на само 17 години, а после тоа на 18 години ми се оствари сонот да одам на Хималаи! Тоа беше една од најубавите години во текот на мојата спортска кариера. Се качувавме на Island Peak (6 189 мнв) и станав прва личност од Македонија што го искачи, но и меѓу најмладите во Европа. Најмладата Непалка која го имаше искачено до тогаш имаше 17 години. И тоа навистина беше едно неверојатно искачување.

После Ајланд Пик, следуваше експедиција на Аконкагва... и сега Килиманџаро, највисокиот врв на Афричкиот континент.

Кој е следниот предизвик, или предизвици?

Билјана: Следната експедиција е еден навистина интересен врв, на Хималаи. Сега започнуваат подготовките, зашто ќе бидат малку поспецијални, зашто овој врв и технички е малку поинаков и потежок. Наскоро ќе има повеќе информации за новата експедиција.

Колкава е пожртвуваноста за една толку млада девојка да стане толку успешна?

Билјана: Тоа е малку тешко прашање. Јас имам многу интереси. Го сакам качувањето, планините, но ја сакам и науката, патувањата, здравиот начин на живот и тоа навистина бара голема организација и баланс, но и многу дисциплина. Но јас поинаку не би можела да го замислам мојот живот!


Секогаш станувам рано наутро во 5 часот, имам два тренинзи на ден, здрави оброци, време за науката за која сум одлучила да се посветам – клиничка психологија, како и истражувањата за холистично живеење и патувањата поврзани со тоа, но секако и патувањата со моите блиски пријатели низ светот, време за семејството.

Некогаш навистина не ми стигнуваат 24 часа во текот на денот и е тешко да сум јас, но кога ќе погледнам позади мене, сфаќам дека времето сум го искористила најдобро што сум можела, и ништо не било залудно. А тоа е најважно!

Освен атрактивните планински масиви надвор од Македонија, и нашата земја има многу што да понуди, па кој врв во Македонија, според тебе, е најпредизвикувачки?

Билјана: Ние имаме прекрасна земја. Имаме планини, езера, плодна почва и убава клима. Иако немаме високи врвови за висински подготовки, тие се идеални за кондициски подготовки. Да се вози велосипед, да се трча низ нив, или да се пешачи. Зашто јас сум од Струмица, мене најблиска ми е планината Беласица, и таа има повеќе пристапи – некои се пострмни, некои се полесни и така е идеално за сите спортисти. Плус, има многу шумски плодови и неверојатен поглед од врвот, што ги прави тренинзите уште поубави!

Те нарекуваат уште и принцеза на височините...

Билјана: А јас и навистина така се чувствувам. :) Тоа беше едно многу интересно интервју кое го правеме пред неколку години, и тогаш на новинарите не им беше сфатливо како може да сум нежна и мала – а да се искачувам на високи планини!? И така, ми го доделија тој епитет. Но всушност, јас само многу, многу верував во моите соништа!


Што е полесно, искачувањето или симнувањето?

Билјана: Секогаш симнувањето е потешко, затоа што телото е веќе истоштено и е потребна голема концентрација и внимание за да се симнеш побрзо од врвот до последниот камп.

Последниот ден искачувањето секогаш започнува околу полноќ, со цел да се се искачи врвот наутро, и да се има доволно време безбедно да се спуштиш во последниот камп додека е светло. Но, целото искачување трае навечер, ладно е, немаш премногу апетит – а е важно да јадеш по малку и да пиеш доволно вода, за да не дојде до истоштување, дехидрација и висинска болест и да имаш сила безбедно да се вратиш во последниот камп. Па затоа се бара голема дисциплина.

Некогаш навистина е тешко да пиеш вода додека се качуваш на - 20 C. Но кога веќе се симнуваш на помала надморска височина и има повеќе кислород, ти станува многу, многу подобро.

Како успешна млада дама на полето на спортското качување и планинарење, имаш освоено и повеќе признанија. Да напоменеме барем дел од нив...

● Признание за Најнадежен Спортски Качувач во 2004 година;
● III место – Најдобар млад спортист на Општина Струмица за 2004 година;
● Признание од ФПСМ 20.11.2004;
● II место – Најдобар млад спортист на Општина Струмица за 2005 година;
● Југо-источна Европка Вицешампионска титула, Волос-Грција, 02.07.2006 година;
● Најдобар млад спортист на Општина Струмица за 2007 година;
● Признание од Dumlupinar Univercity – Turkey , за освојување на два бронзени медали во комбинирано качување на Југо-источниот Европски куп. 03.08.2008;
● Признание од Руската Федерација за Алпинизам, по повод освојувањето на највисокиот Европски врв "Елбрус", на седумнаесет годишна возраст;
● Најдобар Спортист на Општина Струмица за 2008;
● Општинска награда "Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици" за високи достигнувања во спортот;
● 3-та спортистка во Македонија за 2009 година, на изборот за Спортски Оскар, од страна на Агенција за Млади и Спорт;
● Признание за Подвиг на годината, од спортскиот избор организиран од ТВ Сител за освојувањето на врвот Ајланд Пик (Хималаи) 2009 година.


Која е Билјана настрана од планинските масиви?

Билјана: Сега ја завршувам магистратурата по клиничка психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет "Гаврило Романович Державин" , по една програма која се одвива во Македонија и Русија. И многу сум фокусирана како да развиеме програма со која ќе успееме, со помош на исхрана и соодветен спорт да им помогнеме на луѓето да се чувствуваат подобро и порадосно, балансирајќи го хормоналниот статус во телото.

Покрај моите студии, многу сакам и да патувам на места каде никогаш не сум била, да експериментирам со сирови рецепти, да читам книги, да трчам.


Еден малку поинаков дел од мене, е секако мојот удел во создавањето на проектот Healthy Food by ZEGIN, каде заедно со компанијата Зегин отворивме 25 продавници за здрава храна низ цела Македонија и две години бев фокусирана на тој проект. И излезе навистина убаво. Сакавме да понудиме нешто ново, да донесеме нови брендови во нашата земја кои се водечки низ светот и така да почне да се развива овој стил на живот во Македонија. Јас навистина верувам дека исхраната е многу важна за да бидеме здрави и силни, и затоа длабоко се надевам пополека да започнат да се менуваат нашите животни навики и да ги научиме луѓето дека е модерно и важно да се биде здрав и силен, за да можеме да се посветиме на есенцијалните задачи во животот и да напредуваме.

Но за тоа да се случи, мора да се чувствуваме здрави! А тоа секогаш е најлесно кога се храниме здраво, спортуваме, ги исфрламе токсините од телото и размислуваме позитивно.


Освен љубовта кон планинарењето и природата, има ли Билјана и друга потајна љубов или желба за освојување на врвови на некое друго поле?

Билјана: Па, јас навистина имам многу интереси. Секако, сега планините и експедициите не се единствените интереси – зашто некои од нив се национално важни , каде што сме поставувале и рушеле рекорди, некои се само личносно важни за мене. Но, сега мојата мисија е да создадеме еден нов проект кој ќе биде од општествена важност и ќе помогне многу човечки животи да се променат. А тоа е навистина голема и важна мисија.

Струмица дефинитивно се гордее со тебе, а се гордее и цела Македонија. Кое е твоето животно мото коешто те води кон сите овие успеси коишто неминовно прават една цела нација да се гордее со тебе?

Билјана: Нема задоволство во мали победи. И затоа секогаш да се трудиме да бидеме најдобри што можеме да бидеме, во се што работиме !


Има ли во Македонија интерес за планинарењето и колку чини да се стане професионален планинар?

Билјана: Во Македонија спортското качување и планинарењето не е на многу високо ниво, но несомнено и претставува многу специфичен спорт, кој ако се прави посериозно не е многу лесен и бара сериозни тренинзи за да се биде успешен.

Билјана: Опремата е скапа, но некои парчиња опрема може да се користат за повеќе експедиции, некои се менуваат почесто, но горе во висините безбедноста е секогаш на прво место и затоа е важно да се има добра опрема која максимално ќе го заштитува телото, посебно од смрзнатини.

Нашата приказна секако не завршува тука, бидејќи очекуваме уште многу убави вести, за многу освоени врвови. Но колку да ја заокружиме оваа дружба, што би им препорачала Билјана на читателите на Точка?

Билјана: Мојата порака е да не се плашиме да сонуваме и да работиме на нашите сонови, зашто ништо не е невозможно. Имаме дар да живееме и време со кое располагаме, и затоа да не го губиме залудно – туку да се трудиме, да создаваме, и да стануваме се подобри и подобри личности.


Повеќе инфо за Килиманџаро и авантурата на Билјана...

Килиманџаро, е највисока планина во Танзанија, но и на целиот континент Африка.

Највисокиот врв Ухуру е висок 5 895 метри надморска височина. Има повеќе пристапи од каде може да се искачува Килиманџаро, како на пример Марангу, Мачаме, Лондороси...

Сите тие имаат многу различни сценарија, и секој нов ден кон врвот е различен. Исто така во зависност од времето кое го имате, зависи и бројот на денови за искачување. Во подножјето на планината има многу ниви со дрвја, како манго, авокадо, банани. Може да се сретнат и најголемите дрвја во светот – баобаб. Потоа продолжува со бујна, дождовна шума – како џунгла, потоа над 3000 метри се простираат пасишта слични како алпските пасишта, па потоа започнува пејзаж сличен како да си на месечината се до врвот, и навистина некогаш се прашуваш дали си навистина на планетата Земја?


Во паркот на планината Килиманџаро не е дозволено движење без локални лиценцирани водачи, од страна на националниот парк – па дури и да е само за туризам. Реално, можеби дозволите за влез во овој национален парк се навистина скапи, но и е реално дека претставува еден од најубавите, најчистите и најсредени национални паркови во светот!



Нашето искачување траеше 6 дена, а симнувањето 2 дена. Се искачувавме од 1 828 метри, до 5 895 метри, и тоа е голема висинска разлика. Но секако Килиманџаро претставува планина која ја има највисоката висинска разлика во светот помеѓу подножјето и врвот, цели 4 600 метри! Технички оваа планина не е тешка, но висински секако е тешка, и затоа е важно да се има соодветна и добра аклиматизација.

Висината најмногу почнува да се чувствува околу Кибо кампот на 4 709 метри и затоа се препорачува се почитуваат сите правила за исхрана, движење, спиење и правилна аклиматизација.

Последниот ден искачувањето е од Кибо кампот 4 709 метри до Ухуру 5 895 метри, или околу 1200 метри надморска височина во еден ден и баш поради тоа многу е важно да се има иделна аклиматизација , за да не се почувствуваат симтомите на висинска болест (како повраќање, вртоглавица, тахикардија, губење на апетит, потреба за спиење ).

Најубавиот момент...

Тоа дефинитивно беше изгрејсонцето на Gilman’s point 5 681 метри надморска височина! Тоа беше најубавото изгрејсонце кое некогаш сум го видела во мојот живот...


Се простираше под нас, и пополека ноќта се заменуваше со прекрасните зраци на сонцето и целиот хоризонт блескаше. Не постоеше подобар момент од овој, во текот на целото искачување.


Но изгрејсонцето секако има и друга димензија, зашто речиси секогаш последното искачување започнува по полноќ со цел да се стигне на врвот рано наутро, и потоа да успееме да се симнеме во последниот камп се додека е светло.


И така, кога се искачуваш цела ноќ и е темно, и ладно, со нетрпение чекаш да изгрее сонцето и да се затоплиш! И тогаш се станува многу, многу полесно.























Спонозорирани линкови

Маркетинг