Ивановски : Македонија напредува на светската информатичка мапа

Нетпрес

29/10/2014

16:11

1.195

Големина на фонт

а а а

Република Македонија оваа година е рангирана на 57 место, што претставува напредок за 10 места од минатата 2013 година, кога беа рангирани само 144 земји.

Ова се резултатите објавени во 13-то издание на Глобалниот извештај за информатичка технологија објавено од Светскиот Економски Форум, кои денес ги соопшти министерот Ивановски на конференцијата „Европски ден на претприемачот и СЕЕИТА и МАСИТ Отворени денови„.

„Најдобро рангирани и на прво место сме за вкупни даноци, следува второто место за број на денови да се започне нов бизнис, па трето место за број на процедури да се започне нов бизнис итн. Секако дека има и индикатори каде што е потребно повеќе да се работи за да се подобри позицијата на Република Македонија во наредните извештаи“, рече во обраќањето Ивановски.

Според бројот на интернет корисници во вкупното население, Македонија е на 43 место, според бројот на мобилни корисници на 82 место, потоа според домаќинствата што имаат интернет сме на 49 место, широкопојасен интернет на 48, домаќинства што имаат компјутер 55 место, широкопојасен интернет преку мобилен на 63 место, интернет пристап во училиштата 40-то, софтвер пиратерство на 62 место, пристап до најновите технологии на 80 место итн.

Ивановски се осврна и на глобалните трендови во ИКТ сферата и темите кои се дискутираат на меѓународно ниво на повеќе меѓународни конференции, а едно од прашањата кои повторно беа покренати на 14-та Пленарна конференција на Меѓународната телекомуникациска унија во Јужна Кореја беше „Кој и како владее со интернетот ?„.

„Оваа тема повеќе се дискутира години, но во изминативе шест месеци и наредната година се очекува да се донесат историски одлуки околу интернетот, одлуки кои може да ја променат целата слика во владеењето и функционирањето на интернетот што го знаеме. На неодамна одржаната Регионална министерска конференција посветена на темата на интернет владеење, чиј домаќин беше Македонија, произлезе иницијатива за потпишување на Балканска Декларација за владеењето со интернетот. Сите сакаме Интернетот да продолжи да се развива во координација со сите засегнати страни, според т.н мултистејк холдер модел, модел кој што ќе придонесе до побрзо одлучување при локални, регионални, национални или светски проблеми што се присутни или што допрво ќе се појават“, додаде Ивановски.

Министерството за информатичко општество и администрација започна со изработка на две ИКТ стратегии – едната која ќе биде на краток рок до 2017 година и втората на подолг рок до 2020 година. Министерството подготвува и стратегија за креирање на Дигитална одржлива економија, која што ќе биде соодветно вклопена во ИТК стратегиите. За таа цел, веќе е поднесена апликација до Европската Унија за привлекување на експерти во оваа област, кои што ќе помогнат при нејзиното креирање.


Спонзорирани линкови

Маркетинг