Цел свет се прашува зошто Русите ставија куче во цевка пред Вучиќ

На социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа како руски научници пред српскиот претседател Александар Вучиќ ставаат куче во цевка исполнета со течност. Во врска со ова, руските медиуми објавија дека потпретседателот на руската влада, Дмитриј Рогозин, му ги прикажал на српскиот претседател резултатите од работата на Фондот за перспективно истражување. Рогозин на Вучиќ му покажал неколку изуми, а еден од нив е и „течноста која се вдишува“ односно течност без азот во која било ставено кучето. Станува збор за течност која би требало да ги елиминира условите за настанување на состојба на декомпресија и кесонска болест при, на пример, спасување морнари од потоната подморница. Освен тоа, течноста би можела да се користи кај предвремено родени деца, како и кај луѓе чии дишни органи се повредени во пожар.