Нови судири на демонстрантите и полицијата во Истанбул

Нетпрес

11/06/2013

10:24

839

Големина на фонт

а а а

Турската полиција навлезе во реонот на плоштадот Таксим во Истанбул каде веќе две недели се одржуваат демонстрации против плановите за реконструкција на околниот парк Гези.

Неколку стотици полицајци од силите за брза реакција беа доведени на плоштадот со дваесет автобуси. Во реонот се чувствуваат тензии.

Градоначалникот на Истанбул, Хусеин Авни Мутлу, меѓутоа, изјави дека целта на операцијата е да се симнат плакатите од културниот центар Ататурк и од споменикот на Ататурк на плоштадот.

Претходно, турски телевизии објавија дека полицајците опремени со заштитни панцири се подготвуваат да ги растурат барикадите на демонстрантите кои кампуваат во реонот.

Полицајците преку мегафони уверуваат дека немаат намера да извршуваат интервенција.

„Акциите на полицијата не се насочени кон паркот Гези и Таксим“, изјавил градоначалникот на Истанбул додавајќи дека од утрово полицајците почнуваат да ја расчистуваат зградата на културниот центар и на споменикот од фотогарфии и плакати.

Демонстрантите зазеле позиции до барикадите и се подготвуваат за можна интервенција на полицијата.

Турската полиција употреби солзавец ноќеска во Анкара за да растера стотици демонстранти кои веќе 11 дена демонстрираат против Владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Тоа беше трета ноќ на судири меѓу демонстрантите и полицијата во турскиот главен град.

Претходно, заменикот премиер Булент Аринч изјавил дека Ердоган во среда ќе има средба со лидерите на демонстрациите.

Ердоган се очекува во среда да има средба со претставници на Таксим солидарност, група ги претставува активистите за спас на паркот Гези во Истанбул, кој властите сакаа да го реконструираат. Тоа предизвика бран демонстрации кои прераснаа во бурни антивладини протести.


Спонзорирани линкови

Маркетинг