Граѓаните се собираат да се уверат дека Жерновски нема да ги прелаже

Нетпрес

10/06/2013

13:13

2.529

Големина на фонт

а а а

Голем број на граѓани денеска се собираат пред општина Центар каде се очекува да се одржи нова седница на Советот на општина Центар.

Од граѓанското здружение „Веритас“ кое ги организираше протестите минатата недела велат дека денеска повторно се собрани за да се уверат дека градоначалникот на Центар Андреј Жерновски ќе си го одржи зборот и од дневен ред ќе се тргне точката која се однесува на ДУП-от од кој што е дел и црквата „Св. Константин и Елена“.

„Денеска сме собрани за да видиме дали Жерновски ќе си го одржи зборот и ќе ја тргне црквата од ДУП-от и дека потоа објектот нема да биде прогласен за нелегален и да биде срушен. Се собравме симболично за да го видиме актот со кој црквата ќе биде тргната од дневниот ред. Дојдовме тука затоа што денеска тешко се верува на чесен збор, а уште помалку му верувам на Жерновски“, вели Соња Зашовска од граѓанското здружение „Веритас“.

Таа ги демантираше обвинувањата од Жерновски дека протестите ги организираат истите луѓе кои ја градат црквата. Зашовска вели дека на протестите се собрале верници од православна, но и од муслиманска и другите вери бидејќи, како што вели таа, ако денеска се удира по христијанството, утре може ќе се удри и по исламот.

Седницата на Советот на општина Центар ќе се одржи во еден часот. Жерновски во петокот вети дека црквата нема да се руши и дека ќе се продолжи со нејзина градба.


Спонзорирани линкови

Маркетинг