Домот за зависници ќе се пренамени во поликлиника

Нетпрес

20/03/2013

13:22

1.569

Големина на фонт

а а а

Домот за зависници во Кисела Вода ќе се дислоцира, а објектот ќе се пренамени во Поликлиника, најави денеска министерот за здравство, Никола Тодоров, додавајќи дека се работи за проект кој ќе се реализира во текот на идната година.

“Идејата е да немаме поголема концентрација на лица коишто имаат болести од зависности на едно место. Целта е да имаме поголем број на локации, но такви што ќе бидат максимално безбедни, односно ќе немаат голем број на зависници и нема да бидат во близина на училишта, градинки или места каде има поголема фреквенција на малолетници“, рече Тодоров.

Средствата за реализација на проектот ќе бидат обезбедени од Здравствениот дом во Скопје.

“Станува збор за значаен проект имајќи предвид дека граѓаните кои живеат во овој дел имаат проблем со лицата болни од зависности кои секојдневно доаѓаат во овој ценатр да добиваат метадонска терапија, а од друга страна граѓаните кои живеат во оваа општина за каква и да било здравствена услуга мораат да пативаат до поликлиниката Јане Сандански која сега се наоѓа во општина Аеродром“, рече Тодоров.

Според кандидатката за градоначалник на општина Кисела Вода од коалицијата “За подобра Македонија“, Билјана Беличанец Алексиќ, со дислокацијата на центарот конечно општината ќе добие поликлиника.

“Од позиција на граѓанин, но и како иден градоначалник се залагам за тоа конечно општина Кисела Вода да добие дислокација“, рече Беличанец Алексиќ.

Во Домот за зависници во Кисела Вода, лицата зависни од болести се третираат со метадонска терапија. Во Република Македонија секоја година за лекувањето на овие лица се одвојуваат од 50 до 55 милиони денари.


Спонзорирани линкови

Маркетинг