Како до ефективна комуникација со потрошувачите во новата ера

Точка

30/01/2013

17:00

5.623

Големина на фонт

а а а

Прочитајте го интервјуто со проф. Димитри Николаидис на тема: Како до ефективна комуникација со потрошувачите во новата ера

1. Што сметате дека е главната промена во однесувањето на потрошувачите во време на криза?

Потрошувачите се покритички настроени од било кога и ги преиспитуваат своите “потреби“. Ги испитуваат повнимателно промотивните “понуди“; се почесто ги споредуваат продуктите, не само базирано на подобра цена, туку и според најдобрата вредност за нивните пари. Луѓето поминуваат повеќе време барајќи вредност, барајќи ги најдобрите зделки; во секој случај, луѓето купуваат помалку и поевтино. Исто така, потрошувачите започнаа да бараат повеќе; нивните очекувања значително се зголемија. Од една страна, тие бараат пониски цени, од друга страна пак, тие очекуваат квалитетот на производите кои ги бараат да остане на истото ниво. А овие навики доколку се стекнат, ќе продолжат и по завршувањето на кризата. Дури и луѓето со високи примања ќе ги променат своите потрошувачки навики; ќе трошат помалку и ќе штедат повеќе.

2. Според Вашето мислење, до кој степен можете да се согласите со следната изјава: “Рекламирањето е одржување, ПР-от е градење на бренд“?

Непотребно е да се каже дека за да се изгради бренд, силен бренд, треба да развиете врски, да креирате емоции со вашите потрошувачи. Треба да ги вклучите потрошувачите во различни искуства дизајнирани специјално за нив. А ПР-от заедно со промотивните активности ќе придонесе значително кон тоа. Рекламирањето и ПР-от мора да се надополнуваат. Секако, ПР-от ги зголемува шансите за пренесување на пораката, бидејќи е индиректен начин на комуникација. За да се пробијат рекламните платформи, треба да ги интегрираме сите комуникациски елементи и да ги оркестрираме ефикасно. Каде се фокусираме повеќе ќе зависи од особеностите на ситуацијата. Како и да е, не можам да забележам ниедна кампања без да бидат вклучени и двата елементи и без да биде земена предвид идејата за интеграција. И секако, заедно со ПР-от и рекламирањето, би ја додал и усната комуникација, бидејќи игра значајна улога во градењето и одржувањето на брендовите, особено во секторот на услугите.

3. Според анкета на com.Score, спроведена во САД во март 2010, повеќе од 50% од испитаниците признале дека не се верни на своите омилени брендови и дека ги преферираат оние кои нудат производи по пониски цени. Пазарот е многу чувствителен на цените, па како да се изгради и одржи лојалност кон брендовите во денешно време?

Треба да појасниме неколку концепти тука; никогаш не било лесно да се изгради и одржи лојалноста на потрошувачите; и никогаш нема да биде. Градењето на лојалност кон брендот стана многу важен аспект на секој бизнис; особено денес кога конкуренцијата расте, а трошењето е помало. Лојалноста кон брендот сепак е цел која маркетинг специјалистите посакуваат да ја остварат. Да се освои лојалноста на потрошувачот практично значи повеќе одговарање на потребите на потрошувачот, а помалку компетитивност на брендовите. Се додека брендот успешно ги задоволува потребите, а не е претставен посупериорен бренд, потрошувачот може да стане лојален купувач на брендот. А ова не е воопшто лесно. Крајниот резултат е функција на многу параметри, како: услуга и квалитет на производот, но и цената. Ако сите три елементи се на соодветно ниво, имаме задоволен потрошувач, кој може да биде претворен во лојален потрошувач под одредени околности.

4. Појавата на Фејсбук за многу кратко време го револуционираше начинот на комуникација меѓу луѓето и ја промени комуникацијата меѓу брендовите и потрошувачите. Секој сега зборува за „бесплатните медиуми“ и нивните бескрајни можности. Кои се ризиците на брендовите кои брзаат да ја освојат оваа нова територија?

За почеток, да ја разгледаме добрата страна на тоа. Без сомнение, новите технологии драстично влијаеа не само на начинот на кој комуницираме, но и на целата област на маркетинг и на менаџмент. Зборувајќи за Фејсбук и сите останати социјални мрежи, очигледно е дека таков динамичен начин на пристапување кон публиките не може да биде потценет или запоставен од професионалците. Беше очекувано дека маркетерите ќе ја искористат шансата и дека ќе го користат Фејсбук и другите социјални мрежи за нивна комуникација и за маркетиншки потреби. Овој тренд ќе продолжи да расте. Ништо не овозможува поголема прилика за денешниот маркетинг почетник или специјалист, од зголемувањето на интернет пенетрацијата низ светот. Секако, ништо ново не е лесно. Маркетерите треба да посветат особено внимание при употреба на ваквите медиуми. Треба да имаме предвид дека ова е неконтролиран медиум кој носи секакви последици.

5. Студентите на полињата на маркетинг и рекламирање кои сега дипломираат се идните маркетинг професионалци кои ќе треба да ги промовираат брендовите на пазарот. Што би требало да биде сменето/додадено во академските програми на овие млади луѓе, со цел тие да бидат подготвени за идните предизвици во светот на маркетингот кој динамично се менува?

Најпрво, треба да идентификуваме неколку важни параметри тука: дипломците треба да имаат соодветна теоретска позадина. Сепак, не е доволно да се има само одлично знаење на некои основни принципи на маркетингот. Треба да одиме подлабоко, да ги анализираме и да допреме до теориите и да ги примениме во согласност со ситуацијата.

Во однос на високото образование, многу од тековните академски програми не се осврнуваат ефективно на развојот на пазарите и им ја нудат на студентите традиционалната и често застарена образовна програма. Многу е важно да се дизајнираат образовни програми кои ќе ги имаат предвид сегашните и идните потреби на пазарите. Ниеден сериозен универзитет денес нема само да го „репродуцира“ или пренесе „знаењето“. Ако знаењето не е следено од критички и аналитички способности, како и од етичко однесување, тогаш образованието е безвредно.

Ние верно ги следиме сите овие карактеристики на СИТИ Колеџ – меѓународниот факултет при Универзитетот Шефилд. Светот на маркетингот и комуникациите премногу брзо се менува и затоа ни едно образование денес стекнато нема да биде доволно и задоволително утре. Во контекст на важноста на образованието, како и следењето на новите трендови Академијата за Менаџери организира семинари и предавања за новите техники и пристапи кон пазарот, потрошувачот и комуникацијата.

Минатиот месец во соработка со Шефилд Универзитетот и СИТИ Колеџот бесплатно се одржа едукативен семинар за професорите од гимназијата Јосип Броз Тито во Скопје на тема „Лидерство, мотивација и ефективна комуникација во современите училишта”. Целта на овој семинар, организиран од страна на Академијата за Менаџери беше да се претстават начините со кои може да се направи позитивна разлика во едукацијата на учениците и нивниот развој преку лидерство, мотивација и комуникација, од теорија до практика.

Образованието е најважниот елемент на секое општество и треба во целост да се почитува како таков. Секоја држава треба да инвестира во образованието, не само во монетарна смисла, туку и во смисла на човечки ресурси, страст и визија за подобро општество. Токму затоа сметам дека безусловно треба да се дава поддршка на овој тип семинари.


Спонзорирани линкови

Маркетинг