Раперот Марко Маринковиќ – Слаткар, во разговор со медиумите се осврна на јавните реакции и контроверзии поврзани со филмот што се снима за неговиот живот, како и на откажувањето од финансиската поддршка за проектот.
Тој оцени дека, и покрај критиките и негативните коментари, настаните на крајот имале и позитивен ефект врз самиот филм.
Слаткар откри дека снимањето е во тек и дека значителен дел од материјалот веќе е завршен.
„Самиот филм веќе се снима, мислам дека е снимен речиси половина. Генерално, можеби ова што се случи – целото тоа истурање кофи со... ќе кажам, г***а – веќе сум зрел за тоа. Баш кофи со г***а“, изјави Слаткар.
Тој смета дека ситуацијата, иако на прв поглед изгледала како пречка за проектот, всушност придонела филмот да добие дополнителна длабочина и реална приказна.
„Можеби делува лошо од страна, ама нѝ го реши филмот. Сè тоа ќе влезе во филмот и некако, како што велат, секое лошо е за добро. Така што, можеби ќе звучи чудно, ама – фала им“, рече тој.
Според најавите, филмот треба да понуди силна и искрена приказна, а иако датумот на премиерата сè уште не е откриен, раперот вели дека целиот тим посветено работи на проектот.
„Ќе имаме многу добар филм, луѓе. Не сте свесни. Ќе имаме многу добар филм. Не можам уште да откријам кога ќе излезе, ама знам дека кога ќе излезе, ќе бидеме горди сите што сме дел од тој филм“, порача Слаткар.

За потсетување, јавноста беше поделена по одлуката на Агенцијата за филм да поддржи документарен проект инспириран од животната приказна на Марко Маринковиќ – Слаткар.
Додека едни ја поздравија одлуката и му честитаа за проектот, други упатија критики, обвинувајќи го дека ќе користи државни средства за лична промоција.
Слаткар претходно појасни дека документарниот филм не е посветен исклучиво на неговиот живот, туку ја обработува темата на пелтечењето – предизвик со кој се соочуваат голем број деца, а по бројните реакции во јавноста, раперот преку социјалните мрежи соопшти дека се откажува од средствата одобрени за реализација на проектот, нагласувајќи дека тие не биле наменети за него лично, туку за тимот што стои зад документарецот.










