Суперјахтата „Дип блу“, една од најголемите и најскапите приватни јахти во светот, се закотви пред Дубровник. Нејзин сопственик е кинески милијардер, а јахтата е опремена со бројни луксузни погодности и може да прими 24 гости.
Импресивната суперјахта „Дип блу“ се закотви пред Дубровник, откако претходно беше видена во водите на Мљет, пишува. Станува збор за една од најголемите и најскапите приватни јахти во светот, а според специјализираните портали, нејзин сопственик е кинескиот милијардер Ричард Лиу.

„Дип блу“ е долга 134,2 метри и е изградена во познатото германско бродоградилиште Лирсен. Вредноста на јахтата се проценува на околу 450 милиони американски долари. Беше пуштена во вода минатата година, по неколкугодишна изградба што се одвиваше подалеку од очите на јавноста.

Јахтата е распослана на пет палуби и може да прими 24 гости, за кои се грижи екипаж од 45 лица. Медиумите известуваат дека е опремена со бројни луксузни погодности, вклучувајќи базени, спа-зона, кино и хелиодром.

Ричард Лиу, чие вистинско име е Лиу Ќијангдонг, е основач и претседател на кинескиот гигант за е-трговија JD.com. Тој се смета за еден од најбогатите кинески претприемачи, а неговото богатство се проценува на неколку милијарди долари. JD.com е една од најголемите платформи за онлајн купување во Кина.

Иако доаѓањето на мегајахти во водите на Дубровник во текот на летните месеци не е невообичаено, „Дип блу“, со својата големина и изглед, е сигурно меѓу најимпресивните пловила што го посетиле Дубровник во последните години.












