Во Драмскиот театар ќе се одржи промоција на новата книга „Да живее Долна дупка“, збирка комедии на Коле Ангеловски која преку хумор и сатира осветлува актуелностите и општествените проблеми во Македонија.
Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината утре со почеток во 19:00 часот во Драмскиот театар ќе биде одржана промоција на книгата „Да живее Долна дупка“ на легендата на македонската театарска и филмска уметност, Коле Ангеловски.
Книгата е своевидна збирка на четири комедии: „Да живее Долна дупка“, „Аферата ’Рекет’“, „Аферата ’Ладен шприцер’“ и „Птица со главата меѓу нозе“, кои Коле Ангеловски ги напиша во последните десетина години. Од нив две веќе се поставени на сцените на македонските театри.
Комедијата „Птица со главата меѓу нозе“, во режија на Коле Ангеловски, премиерно беше изведена во неговиот матичен Драмски театар на 10 ноември 2021 година. Преку улогите на актерите: Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ-Пановска, Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска и Симон Манасковски. „Птица со главата меѓу нозе“ говори за растргнатоста на индивидуата меѓу сегашноста и минатото, за пандемијата, економската криза и за социјалните превирања во нашава земја.
„Да живее Долна дупка“, чиј режисер е самиот Коле Ангеловски, премиерно беше изведена на сцената на Театар „Комедија“ на 29 јануари 2025 година и веќе доживеа десетина претстави. Оваа комедија, во која ликовите ги играат: Горан Ников, Жаклина Стевковска, Роберт Ристов и Јаков Спасов, успева со леснотија и хумор, а сепак жестоко, низ сатирична визура да ги согледа и да ги претстави нашата посттранзициска стварност, општествените аномалии и отсуството на вредностите.
„Аферата ‘Ладен шприцер’“ од една комична перспектива ни ги претставува аномалиите на начините на кои се одвива локалната самоуправа, а провокативноста на „Аферата ‘Рекет’“, пак, произлегува од тоа што главните ликови се засновани на главните протагонисти од аферата позната на нашата јавност под истото име, но тоа е само почетна точка за Ангеловски, кој на извонредно комичен начин го развива драмското дејствие.
Приредувач и уредник на книгата „Да живее Долна дупка“ е Свето Стаменов – политиколог, новинар и несомнено еден од најплодните македонски публицисти, автор, коавтор, приредувач и уредник на седумдесетина книги од најразлични жанрови, додека, пак, за дизајнот на книгата се погрижи младата македонска графичка дизајнерка Бојана Симевска. Публикацијата е збогатена и со триесетина колор фотографии од претставите „Птица со главата меѓу нозе“ во Драмски театар и „Да живее Долна дупка“ во Театар „Комедија“.
Во сите четири комедии обединети во оваа книга, преку необичните пресврти и извонредно водениот дијалог, Коле Ангеловски успешно им дава драмски облик на актуелностите на нашето време.
Излегувањето на книгата финансиски е помогнато од Министерството за култура и туризам во рамките на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во 2026 година.
На промоцијата за „Да живее Долна дупка“ на Коле Ангеловски ќе говорат: Роберт Вељановски – директор на Драмскиот театар, Тодор Кузманов – театарски критичар, проф. д-р Гоце Смилевски – писател и драматург, Благоја Чоревски – актер, Ѓокица Лукаревски – актер и приредувачот и уредник Свето Стаменов, додека, пак, актерите Жаклина Стевковска и Горан Наков ќе одиграат фрагменти од претставата „Да живее Долна дупка“.
Драмски театар Скопје ги поканува љубителите на театарот, културната јавност, медиумите и сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на промоцијата на книгата „Да живее Долна дупка“ каде што присутните ќе имаат можност да слушнат повеќе за значењето на македонското современо драмско творештво.















