Пратеничката група на Левица најавува иницијатива до Уставен суд за поништување на спорните измени во Законот за минерални суровини, оцени како штетни и донесени под влијание на интересите на рударското лоби, поради што се повредуваат уставните права на граѓаните.
Пратеничката група на Левица ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на последните измени на Законот за минерални суровини, со образложение дека тие содржат сериозни законски и уставни прекршувања и дека се носат во корист на рударското лоби.
Пратеникот Сашко Јанчев истакна дека граѓаните во изминатата деценија континуирано се спротивставуваат на отворањето рудници преку протести, трибини, блокади и локални референдуми, од кои дел завршиле успешно.
Според него, тоа претставува јасен показател дека прашањето за експлоатација на рудните богатства не е само економско, туку и прашање од поширок јавен интерес кој, како што вели, не смее да биде игнориран од страна на власта.
Од Левица наведуваат дека наместо да го почитува граѓанскиот отпор, власта пристапила кон, како што го нарекуваат, брзи и непромислени измени на законот, донесени под влијание на рударското лоби.
Јанчев појасни дека со спорните измени се овозможува издавање дозвола за ископ на руда уште пред да заврши постапката за експропријација, односно пред земјиштето да премине од приватна во државна сопственост.
Тој додава дека ваквото решение е во спротивност со Законот за минерални суровини, според кој најпрво треба да се додели концесија за експлоатација, како и со Законот за експропријација, кој предвидува претходно уредување на имотно-правните односи.
Од партијата сметаат дека со ваквите измени граѓаните и правните лица се ставаат во нееднаква положба, при што се повредуваат уставните гаранции за право на сопственост и еднаквост пред законите.
Поради тоа, пратеничката група на Левица најави дека во понеделник ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд со барање за поништување на измените.











