Во Демократска Република Конго повеќе од 200 лица починаа од вирусот ебола, пријавени се 867 сомнителни случаи на зараза. Епидемијата предизвикува сериозна загриженост поради висока стапка на смртност и потешкотии со тестирањето во нападнатиот регион.
Повеќе од 200 лица починаа во епидемијата на ебола во Демократска Република Конго, од вкупно 867 пријавени случаи на сомнителна зараза, соопшти синоќа Министерството за здравство на земјата.
Според официјалните податоци, 204 смртни случаи во три провинции на оваа голема централноафриканска држава најверојатно се предизвикани од вирусот.
Во претходниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО), објавен во петокот, беа наведени 177 сомнителни смртни случаи од 750 заразени лица.
ДР Конго на 15 мај прогласи епидемија на ебола предизвикана од сојот Бундибугио, против кој не постои вакцина ниту специфичен третман, а стапката на смртност достигнува и до 50 проценти.
Во земјата во моментов само неколку лаборатории вршат тестирања за вирусот, а жариштето на заразата се наоѓа во оддалечен и тешко пристапен регион каде што дејствуваат вооружени групи.
Бројот на официјално потврдени смртни случаи од болеста се искачи на 10, додека бројот на лабораториски потврдени заразени достигна 91, соопшти Министерството за здравство.
Десет држави се изложени на ризик од ширење на заразата, предупреди вчера директорот на Здравствената агенција на Африканската унија, Жан Касеја. Станува збор за Јужен Судан, Руанда, Кенија, Танзанија, Етиопија, Република Конго, Бурунди, Ангола, Централноафриканската Република и Замбија.
СЗО оцени дека епидемијата претставува мал ризик на глобално ниво.







