Кореча: Ѓоковиќ е енигма, може да…

Дерби

22/05/2026

13:37

347

Големина на фонт

а а а

Новак Ѓоковиќ ќе настапи на вториот грен слем во 2026 година Ролан Гарос, но што некогашниот светски рекет број еден може да направи е друга приказна.

Србинот веќе неколку години игра со забавено темпо, не се оптеретува, ги бира турнирите на кои настапува, меѓутоа нема континуитет и тоа може да биде проблем.

Во оваа сезона успеа да дојде до финалето на Аустралијан Опен и тоа по еден чуден пат во кој доби еден меч откако ривалот се повлече, потоа беше на раб на елиминација од Музети кој водеше со 2-0 во сетови, ама се повреди и се предаде за да потоа Ноле го добие Синер во полуфиналето и загуби од Алкарас во битката за трофејот.

Од тогаш, па наваму беше активен уште на Индијан Велс каде беше совладан од Дрејпер, а на почетокот на овој месец експресно го заврши настапот на Мастерсот во Рим.

- Ѓоковиќ е вистинска енигма. Никој не знае во каква форма ќе игра. За мене е неверојатно што сè уште игра со таква решителност. Бев среќен што го видов во Рим, иако не успеа да одигра повеќе од еден натпревар. Очекував да игра во Женева, но тоа не беше случај. Не знам како се чувствува физички. Не е лесно да се премине од период на неиграње во период на играње пет сета. Очекувам дека ќе може да најде ритам како што напредува натпреварувањето, - вели легендарниот шпански тениер Алекс Кореча.

- Тој има искуство, а тоа е многу важно на Ролан Гарос, но физичката подготвеност е исто така многу важна. Ако беше 100 проценти подготвен, малку играчи, можеби пет, би можеле да го победат. Но, ако не е, тогаш може да изгуби од секого, бидејќи тенисот е исклучително тежок денес, - заклучи Кореча кој своевремено беше втор најдобар тенисер на светот.