Притвор за неготинчанец кој со закани со нож принудил жена на полови дејствија, ја снимал и барал пари да не го објави видеото

Макфакс

07/12/2025

09:47

296

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице од Неготино, со живеалиште во Германија, кој е осомничен за кривични дела – Полов напад и силување од член 186 и Уцена од член 259 од Кривичниот законик.

„Осомничениот 29-годишник, на 2 декември, заедно со неговата сопруга и уште една пријателка, излегле во ресторан во Скопје. Таму пиел алкохол и консумирал дрога, па бидејќи по вербална расправија неговата сопруга заминала сама, тој се понудил да ја врати дома пријателката. Но, наместо кон нејзиниот дом, цела ноќ ја возел на различни локации во Скопје, обидувајќи се да ја принуди на сексуални односи.

Жената не се согласувала, меѓутоа тој и се заканил дека ќе ја убие и ја присилил да влезе во апартман во Центар. Таму со физичка сила и закани со нож ја принудил на други полови дејствија, а целиот настан го снимал.

Додека биле во апартманот, се јавувал со видео повик кај сопругата и кај други лица и барал од нив да му донесат кокаин за да не ја убие оштетената.

Три дена подоцна, осомничениот и го пратил видео клипот со експлицитна содржина на оштетената со закани дека ќе го објави секаде ако не му даде 2.500 евра. Жртвата ги пријавила уцените, по што било организирано симулирано примопредавање на обележани парични средства. Откако ги презел парите од жената, осомничениот веднаш бил приведен“, соопштија од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека „јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Притворот се бара имајќи предвид дека постои реална опасност од бегство, а осомничениот има отпуст од македонско државјанство и постојан престој и работа во Германија. Исто така, постои ризик осомничениот да го повтори делото кое претставува нарушување на јавниот ред, но и на половата слобода и половиот морал“.

Обвинителството информира дека судијата го прифатил предлогот и ја определил притворската мерка.