Еден од најнаградуваните македонски краткометражни филмови, „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски, конечно може да се погледне на Јутјуб.
Филмот имаше премиера на фестивалот „Санденс“ во јануари 2020 година и беше прикажан на повеќе од 150 фестивали, добивајќи над 20 номинации и низа значајни меѓународни награди. Дополнително, имаше и меѓународна дистрибуција преку „Topic“, „Canal+“ Шпанија и „HBO Europe“.
Главната улога ја толкува Сашко Коцев, а актерската екипа ја сочинуваат Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски – Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.
Приказната го следи 37-годишниот Дејан (Сашко Коцев) кој по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, во очаен обид да остане релевантен во животот на својата ќерка, запаѓа во серија бирократски стапици кои целосно му го менуваат животот. „Налепница“ претставува и социјален коментар на секојдневните предизвици — животот меѓу бирократија, човечки слабости и бунтовни односи — на начин што е истовремено суров, реалистичен, но и темно духовит.

„Режисерот Георги М. Унковски за 18 минути кажал сè“, „Не го очекував овој ролеркостер од емоции денес“, „18-минутно ремек-дело!“, „Солзи ми дојдоа, браво!“, „Апсолутна 10-ка“, „Глумчиште Коцев!“, се дел од коментарите на Јутјуб.
Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, за маската и шминката се погрижија Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Дизајнот на звук го потпишува Сашко Потер Мицевски.
„Налепница“ е финансиран од Агенцијата за филм.










