Џебниот часовник „Жил Јургенсен“ од 18-каратно злато, кој му припаѓал на еден од најбогатите патници на Титаник, ќе биде понуден на аукција на 22 ноември, а се верува дека ќе достигне цена од еден милион фунти (3 милиони долари).
Аукцијата ја организира британската аукциска куќа „Хенри Олдриџ и син“ од Вилтшир, а според извештаите, часовникот му припаѓал на американскиот трговец Исидор Штраус, а неговиот бројчаник е заглавен во 2:20 часот наутро, односно во моментот кога се верува дека Титаник потонал, објавува Би-би-си.

Исидор Штраус и неговата сопруга Ида беа меѓу повеќе од 1.500 патници кои загинаа кога бродот, кој патуваше од Саутемптон до Њујорк, потона откако удри во леден брег на 14 април 1912 година.
Телото на Исидор Штраус беше извлечено од Атлантикот неколку дена по катастрофата, а меѓу неговите работи беше и џебен часовник „Жил Јургенсен“.
Штраус бил американски бизнисмен, политичар и ко-сопственик на продавницата „Мејсис“ во Њујорк, по потекло од Баварија, и како што велат во аукциската куќа, тој и неговата сопруга биле почитувана двојка.
#Titanic #gold pocket #watch recovered from body of one of its richest passengers is set to fetch £1m - with time stopped at 2.20am, the time the ship disappeared under the water pic.twitter.com/3dyG7l0VUG
— Hans Solo (@thandojo) November 13, 2025
„Сите би ги познавале од крајот на филмот „Титаник“ на Џејмс Камерон, кога постарата двојка се прегрнува додека бродот тоне – тоа се Исидор и Ајда“, изјави аукциската куќа.
Се верува дека ноќта на потонувањето, Ајда одбила место во чамецот за спасување затоа што не сакала да го остави својот сопруг и рекла дека би сакала да умре покрај него, но нејзиното тело никогаш не било пронајдено.

Исто така, се верува, врз основа на гравурата на часовникот, дека часовникот му бил даден на Исидор од неговата сопруга во 1888 година, а предметот бил вратен на неговото семејство и пренесуван со генерации пред правнукот на Исидор, Кенет Холистер Штраус, да го поправи и реставрира.
Часовникот ќе биде понуден на аукција заедно со писмото што Ајда го напишала на бродот во кое го опишала луксузот на бродот.

„Каков брод! Толку огромен и толку величествено декориран. Нашите соби се опремени со најдобар вкус и најголем луксуз“, напишала Ида во писмото.
Писмото има поштенски жиг „Трансатлантски 7“, што значи дека било франкирано на бродот во поштата на Титаник пред да биде испратено со остатокот од поштата во Ирска. Се смета дека писмото ќе достигне цена од 150.000 фунти.

Аукциската куќа објави дека веста за продажбата веќе предизвикала „значаен интерес кај клиенти од целиот свет“.









