Драма во Париз: Полицијата совлада маж што се заканувал со нож

Макфакс

14/11/2025

18:02

159

Големина на фонт

а а а

Француската полиција рани маж вооружен со нож на железничката станица Монпарнас во Париз, соопшти канцеларијата на јавниот обвинител на француската престолнина, откако претходно беше објавено дека полицијата совладала маж познат по семејно насилство.

Полицискиот службеник го употребил своето оружје против мажот, кој потоа се повредил со нож, објави канцеларијата во соопштение за медиумите.

Полициски извор изјави дека мажот им се заканил на сопругата и децата во предградијата на Париз пред да се качи на воз до станицата Монпарнас, каде што го чекала полицијата. Кога му се приближиле, тој се заканил дека ќе си го одземе животот, по што го застрелале во нозете, додаде изворот.

Обвинителството соопшти дека се слушнал барем еден истрел, а очевидец изјавил за Ројтерс дека слушнал неколку.

Фотограф на Ројтерс, кој бил таму во времето на инцидентот, изјавил дека откако полицијата интервенирала, луѓето одеднаш почнале да бегаат. Полицијата ја евакуирала станицата, каде што обично застануваат брзите возови кон запад и југозапад од земјата.

Друг сведок изјавил за „ВФМ ТВ“ дека слушнал гласен тресок пред луѓето околу него да почнат да паничат.

„Ми требаа две или три секунди да сфатам што се случува. Луѓето почнаа да велат: „Мора да излеземе од тука, мора брзо да заминеме“, поради што срцето почна брзо да ми чука, па станав и избегав“, изјавил очевидецот за телевизијата.

Мажот претходно ѝ бил познат на полицијата поради семејно насилство, соопшти обвинителството.