[ФОТО/ВИДЕО] „Белата куќа како „SimCity“: Реновирањето на Трамп станува сè побизарно

Точка

14/11/2025

18:40

750

Големина на фонт

а а а

Во своето последно интервју за „Фокс њуз“, чиишто делови се емитуваа неколку ноќи, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ рече на водителката Лора Инграм: „Изградив многу балски сали и многу згради, и тоа е всушност мојата најголема сила. (…) Градам подобро од кој било друг. Никој не може да гради како мене“.

„Никој не може да гради како мене“

Изјавата беше невообичаена за претседател чии главни вештини треба да бидат поврзани со водење на држава и креирање политики, а не со ангажирање изведувачи за изградба на згради. Американските претседатели мора да се занимаваат со широк спектар на одговорности, па ако „најголемата сила“ на Трамп е способноста да одобрува планови и да плаќа за градежни работи, тоа покренува прашања за приоритетите на функцијата, пишува „MSNBC“.

Во продолжението на разговорот со „Фокс Њуз“, Трамп презентирал нови детали за неговите планови за реновирање во комплексот на Белата куќа.

Водителката го прашала дали планира да ја промени бојата на зградата на Извршната канцеларија, велејќи дека „слушнала гласина“. Потоа претседателот ѝ покажал нацрт – визуелен приказ на зграда целосно покриена со бледа, речиси снежно-бела боја.

„Не се грижите дека може да изгледа како голема бела дамка?“ прашала Инграм. Трамп ја отфрлил можноста. „Не, не. На тој начин се истакнуваат сите детали“, одговори тој, пренесе „MSNBC“.

Девастирано Источното Крило

За оние кои не се запознаени со комплексот на Белата куќа, „MSNBC“ објаснува дека постои една зграда на која повеќето луѓе помислуваат кога ќе се зборува за претседателската резиденција. Од двете страни се Западното и Источното Крило – иако Источното Крило неодамна било уништено.

Директно преку малиот паркинг од Западното Крило се наоѓа голема зграда наречена „Eisenhower Executive Office Building“ (EEOB). Со текот на годините имала неколку имиња; многумина сè уште ја паметат како „Old Executive Office Building“ (OEOB). Меѓутоа во 1999 година Републиканците ја преименувале во чест на претседателот Двајт Ајзенхауер.

Токму оваа зграда Трамп сака целосно да ја префарба во бело. Тој ѝ рекол на Инграм дека „моментално собира понуди од изведувачи“.

Според достапните информации, овој проект се надоврзува на низа градежни и естетски интервенции што Трамп веќе ги спровел во комплексот на Белата куќа.

Меѓу нив се: отстранувањето на Источното крило, поплочувањето на Градината со рози, поставувањето бројни златни декоративни елементи во Овалната соба, најавата за изградба на нова балска сала, поставувањето на екстремно висок јарбол, реконструкцијата на бањата во Lincoln Bedroom, отстранувањето на делови од градината на Жаклин Кенеди, уривањето на историските дрвја, поставувањето на инсталација наречена „Претседателска патека на славните“ по должината на Западната колонада и поставувањето на знакот „Овална соба“ на ѕидот пред претседателската канцеларија.

Во овој контекст, пристигнуваат информации дека претседателот сега размислува за промена на изгледот на „EEOB“, вклучително и целосно пребојување на целата зграда.

Покрај сите коментари што можат да се дадат за неговите естетски избори и обемот на градежните интервенции, се поставува прашањето колку ваквите проекти доаѓаат во фокусот на претседателот покрај бројните други државни обврски.

Трамп сè почесто помалку делува како претседателот, а повеќе како некој што наишол на видеоиграта „SimCity: White House Edition“ и едноставно не може да ја остави, пишува „MSNBC“.