Се соочуваме со еден од најголемите скандали во здравството во историјата на државата. Министерот за здравство јавно соопшти дека се утврдени најмалку 10 случаи на непотребни кардиоваскуларни операции во приватни клиники. Ова е скандал без преседан за кој мора да има целосна одговорност, но начинот на првичната презентација на извештајот е скандалозен, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Имено, како е можно министерот Алиу да каже дека комисијата утврдила, повторувам „утврдила“ дека операциите биле непотребни, а истовремено да вели дека истиот тој извештај не е финален? Да вели дека затоа не ги објавува имињата на лекарите и клиниките кои стојат зад тоа. Прашуваме, кои податоци се чуваат за „финалната фаза“? Дали нешто ќе се менува, што се договара и што се преговара во тој период додека јавноста чека да се финализира извештајот? Ова е крајно несериозно и јасен сигнал дека финалните наоди може да бидат различни. Ваквото однесување сигнализира прикривање или амнестирање на одредени клиники и лекари. Прашањето е: кого штити министерот?“, рече Кузеска.
Според неа, ако има утврдено факти – тие мора да бидат јавно објавени, ако има одговорни – тие мора да се именуваат.
„Алиу нема право да остави ниту една дамка, ниту една сенка дека се штити нечии интереси. Ниту дека некој оди на преговори кај него и Владата наместо да сноси одговорност“, рече Кузеска.
Таа додаде дека СДСМ бара веднаш да се објави извештајот – целосно, транспарентно и без криење, во фазата во која се наоѓа.
„Во интерес на јавноста, во интерес на сите пациенти и на здравствените работници, бараме: итно објавување на досегашниот извештај, со сите наоди, без селекции и без преправки, објавување на клиниките вклучени во процесот, објавување на сите поединци кои носеле одлуки за операциите – комисии, консилиуми, лекари, управители. Активирање на ЈО, ДКСК и Финансиската полиција, бидејќи постојат сериозни индиции за коруптивна вертикала, за недозволено упатување пациенти и за незаконско профитирање. Обезбедување правна и психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства“, рече Кузеска.











