[ФОТО/ВИДЕО] Во ова кафуле бабите и дедовците секојдневно печат колачи по старински рецепти, борејќи се против осаменоста: Туристите ги обожаваат

Точка

14/11/2025

16:18

330

Големина на фонт

а а а

Кафулето „Vollpension“ во Виена има 115 вработени, од кои 50% имаат над 60 години. Неговата мисија е борба против сиромаштијата и осаменоста кај постарите лица.

Нема ништо подобро од кујната на баба. Топли чорби, домашни супи, сочни печени јадења… А колачите! Малку ресторани можат да се пофалат со јадења направени со толку многу љубов, но токму такво место ќе пронајдете во секогаш магичната Виена.


Запознајте го „Vollpension“, гастрономски хит чија главна мисија е да ги поврзе постарите граѓани со помладите генерации. Нивните главни ѕвезди се бабите и дедовците, Оми и Опи, како што се нарекуваат на германски. Ова уникатно кафуле се бори против сиромаштијата и осаменоста кај постарите лица и промовира меѓугенерациска интеракција.

На овој начин пензионерите заработуваат дополнителен приход, а стануваат и повидливи во општеството

Денес, бабите и дедовците во двете кафулиња „Vollpension“ печат и им служат најдобри колачи и торти на гостите од цел свет. Секако, тие ги прават според свои, стари семејни рецепти. Половина од овој инспиративен тим е составен од постари граѓани, кои, покрај нивната редовна пензија, која често е премногу ниска, заработуваат дополнителен приход и истовремено стануваат повидливи и поприсутни во општеството.


Според Австрискиот завод за статистика во 2023 година, околу 288.000 жени и мажи над 65 години биле акутно погодени од сиромаштија и социјална исклученост. За жал, овој тренд продолжува да расте. Јазот во платите меѓу половите останува горлив проблем, бидејќи жените просечно имаат 1.527 евра бруто-плата, што е за 39,7% помалку од мажите. Во оваа ситуација, дури и мал дополнителен приход од 450 евра може да направи значителна разлика и да го подобри квалитетот на нивниот живот.

Тимот на „Vollpension“ моментално има 115 вработени, а 50% имаат над 60 години. Најмладиот има 20, а најстариот 84 години. Инаку во ова кафуле се зборуваат дури 12 различни јазици, но бизнисот, кој е полн со забава и смеа, функционира беспрекорно. Пензионерите се главно одговорни за печење колачи и грижа за гостите, додека помладите колеги ја презеле услугата во кафулето, како и комуникацијата и администрацијата.


Но, како започнало сето тоа? Зад „Vollpension“ стојат основачите Мориз Пифл-Перцевиц, Јулија Кренмајр, Хана Лукс, Дејвид Халер и Мануел Грубер. Имено во 2012 година, Мориз изел парче торта во познато виенско кафуле и бил разочаран од нејзината сувост. Го совладала носталгија за многу повкусните десерти што ги паметел од детството и така се родила брилијантна идеја: решил да ги врати колачите на баба во австриската престолнина.

Кафулето може да се пронајде на две адреси, а наскоро ќе се отвори уште едно во Салцбург или Грац

Мориз, кој го создаде „Vollpension“, не е единствениот кој не бил воодушевен од култната торта Сахер. Дури и онаа во луксузниот петѕвезден хотел „Сахер“ му била сува и прескапа. Неговото мислење го делел и покојниот готвач Ентони Бурден, кој го пробал познатиот десерт во 6-тата сезона од ТВ серијата „No Reservations“ и воопшто не бил импресиониран.


Првиот „Vollpension“ се отворил во 2015 година во еден од централните квартови на Виена, на улицата „Schleifmühlgasse“. Интересот бил огромен и брзо станал неопходен дел од гастрономската сцена на градот. Во октомври 2019 година, ова меѓугенерациско кафуле било отворено и на втора локација, на улицата „Johannesgasse“ во Приватниот универзитет за музика и уметност во Виена, а сега и трето е на повидок, во Салцбург или Грац.

Фини штрудли, бухтли и кремасти торти се печат дури и во виртуелни училници

Покрај сето погоре, во 2020 година било основано и „BakAdemy“ првото светско училиште за печење. Го водат баби и дедовци, кои го пренесуваат своето професионално знаење за печење на сите заинтересирани. Училиштето може да се посетува на лице место или преку интернет. Виртуелните училници биле апсолутен хит за време на Ковид-19 пандемијата, кога многумина на далечина научиле да печат штрудли од јаболка, класични бухтли, кремасти торти од банана колачи, вегански колачиња…


Инаку штом еднаш ќе влезете во виенскиот „Vollpension“, ќе се чувствувате како да сте во посета на вашата баба. Старински и намерно несовпаѓачкиот мебел веднаш ќе ве шармира, а најголемата атракција на ова кафуле е што можете да ги гледате Оми и Опи како печат колачи во отворениот простор за печење. Покрај свежите колачи, менито вклучува и широк избор на појадоци, вклучувајќи вегански, како и бранч и попладневни закуски, а навечер редовно се организираат интересни меѓугенерациски настани.


„Vollpension“ е многу повеќе од место за кафе и меѓуоброк, тоа е кафуле со мисија

Една од бабите што работат во „Vollpension“ е Катрин, поранешна медицинска сестра, која е воодушевена од слаткарските вештини што ги демонстрирале виенските дедовци, пренесе порталот „Eater“. Тука се и Беата, која пропатувала низ целиот свет во 1950-тите, Кристин, експертка за вегански колачи и поранешната актерка, Шарлот, мајсторица за Сахер тортата…


„Нашите Оми и Опи се ѕвезди, а самиот Vollpension е многу повеќе од место за кафе и меѓуоброк. Им нуди на постарите лица обмислено работно место каде што можат да заработат дополнителни пари, а воедно им дава чувство на заедница и им носи радост во животот“, истакнал Мориз Пифл-Перцевиц.