Себичноста меѓу чаршафите можеби не е кривично дело, но за многумина претставува сериозен престап во партнерската интимност
Кога еден партнер е фокусиран исклучиво на сопственото задоволство, другиот често останува незадоволен, па дури и фрустриран. Класичен показател за такво однесување е ситуацијата кога единствена цел на лицето е сопствениот оргазам, додека потребите на партнерот остануваат занемарени. Но, не секогаш е едноставно да се повлече јасна линија. Понекогаш несвесно ја занемаруваме другата личност, особено во моменти на силно возбудување.
Сепак, постои решение: да се посвети повеќе внимание на комуникацијата, да се научат сигналите и активно да се гради заемно задоволство.

„Ако се сомневате дека партнерот не возвраќа со иста мера, важно е тоа да го забележите и отворено да разговарате за тоа“, вели сексологот и сексуален терапевт Џени Скајлер.
1. Предигра? Речиси не постои
Брзиот секс може да биде страствен и возбудлив, но ако со тек на време прерасне во правило наместо исклучок, тоа може да биде знак дека на вашиот партнер му недостига интерес за интимниот процес како целина. Уживањето во предиграта често покажува внимание кон партнерот и желба за заедничко искуство, додека нејзиното постојано изоставување може да укаже на фокус исклучиво на личното задоволство.
„Ако партнерот ги занемарува вашите желби и не ве прашува што ви годи, туку следи само сопствен ритам и преференции, тоа е јасен сигнал за сексуална себичност“, објаснува Скајлер.
Решението е во отворен разговор. Поставете прашања: зошто ги игнорира вашите потреби и зошто постојано брза? Јасната и искрена комуникација е клучот за рамнотежа во креветот.
2. Отпор кон повратна информација
Уште еден јасен показател за себичност во сексот е кога партнерот тешко ја прифаќа вашата повратна информација. Наместо да ја доживее како обид за подобрување на заедничкото искуство, реагира одбранбено, па дури и со лутина.

„Таквото однесување често произлегува од несигурност, но за другата страна тоа може да изгледа како целосно занемарување на партнерските потреби“, нагласува Скајлер.
Ако вие сте личноста која тешко прифаќа сугестии, застанете и размислете што ве спречува. Експертите советуваат повратната информација да не се гледа како критика, туку како алатка за подобрување на интимниот однос.
3. Во фокусот се исклучиво личните желби
Додека некои природно се посклони на експериментирање, здравиот сексуален однос се темели на заемна размена и разбирање. Ако партнерот постојано форсира само она што нему му одговара, без оглед на вашите желби или граници, постои нерамнотежа која со време може да прерасне во проблем.
Наместо затворање кон нови искуства, обидете се да ги проширите сопствените граници во рамките на удобноста. Отворените разговори за желбите, со подготвеност на прилагодување, често водат до заемно задоволство. Истото важи и за обратната ситуација – ако вие сте таа што ги занемарува потребите на партнерот, време е за интроспекција и заедничка работа на поквалитетен сексуален однос.
4. Сексот како право, а не како договор

Себичноста во сексот често се огледува и во ставот дека партнерот „е должен“ да ги задоволи потребите на другиот, без разлика на сопственото расположение. Таквиот пристап ја брише границата помеѓу интимноста и обврската, а сексот го претвора во едностран однос.
Уште една форма на себичност е и целосното отсуство на иницијатива, кога едната страна се повлекува од сексуалната блискост без објаснување или труд за пронаоѓање решение.
Клучот е во рамнотежата: сексот не треба да биде ниту присила ниту обврска, туку договор помеѓу две личности кои ги почитуваат меѓусебните потреби. Работата на интимноста, разговорите без срам и подготвеноста за компромис се темел на здрав и задоволувачки сексуален живот.









