Во врска со сите барања и прашања што се однесуваат на одредувањето на датумот за изборите за градоначалник во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуша и Центар Жупа, претседателот на Собранието постапува само врз основа на роковите и процедурите утврдени во Изборниот законик. Затоа датумот на изборите ќе биде објавен во горенаведениот законски рок и јавноста ќе биде известена во наредните денови, соопштија од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Процесот на распишување на изборите не е воден од индивидуални преференции или предлози, туку од два фундаментални принципа: задолжителното почитување на законските рокови од Изборниот законик, вклучувајќи ги и новите одредби од член 132-а, донесени во март 2024 година, и процената и подготвеноста на Државната изборна комисија како надлежна институција за организирање и спроведување на изборниот процес“, се наведува во соопштението.
Во овој контекст, пишува во соопштението, претседателот на Собранието веќе одржа два работни состанока со претставници на ДИК, со кои беа разгледани сите правни и оперативни аспекти поврзани со повторувањето на процесот во овие општини.
„Собранието останува посветено на транспарентен и уреден процес, кој е во целосна согласност со законот“, се наведува во соопштението.
Вчера, Алијансата за Албанците упати апел до Гаши да ги закаже изборите пред Нова година.
Пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, реагира по објавувањето на конечните изборни резултати од Државната изборна комисија (ДИК) нагласувајќи дека законскиот рок за одржување на повторените избори во четири општини почнува од 29 октомври, а не од денот на последното објавување на резултатите.
Според него, од овој датум почнал да тече рокот од 60 дена за одржување на изборите во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Жупа, па затоа тие треба да се одржат најдоцна до крајот на декември.







