Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, денеска, пред пратениците алармира за состојбата во која се наоѓаат обвинителствата. Тој укажа дека недостигаат финансиски средства, но и кадар во овој сектор. Рече дека зголемувањето на буџетот не е потребен за зголемување на платите на јавните обвинители, туку за извршување на нивната работа. Исто така, посочи дека за помалку од две години 40 вработени си заминале, а нивните места не се пополнети со нови вработувања.
Коцевски рече дека многу размислувал дали да се обрати пред пратениците затоа што барањата биле исти како лани.
„Лично многу размислував дали воопшто треба да се обраќам повторно од оваа говорница пред вас со истите барања како и лани. Уште повеќе што истите наши барања, кои секоја година ги истакнуваме, пред само неколку дена ги потврди и Европската Унија во последниот извештај – за ефикасна борба против криминалот и корупцијата, мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на Обвинителството и на правосудството воопшто. Сепак, избрав да зборувам. Прво, затоа што навистина верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите што ни се неопходни за да можеме да работиме. Второ, затоа што имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за в година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4 % од вкупниот буџет, се предлагаат едвај 0,2 % за потребите на Обвинителството. Во вкупен обем на средства износот е дури и помал отколку во тековната година. Тоа е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат“, рече Коцевски.
Тој рече дека не станува збор за покачување на платите и истакна дека се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејства и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат.
„Сакам да е јасно за целата јавност дека тука не станува збор за средства за некакво покачување плати, ниту на јавните обвинители ниту на јавнообвинителските службеници. Во предлог-буџетот планираните издвојувања за плати се до денар исти како и годинава, а не се предвидени средства ниту за додатоци, кои законски им следуваат на вработените. Но, што е уште поважно, најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги, од каде што се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејства и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Во исто време, нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Сè ова паѓа на товар на буџетот на Обвинителството“, рече Коцевски.

Јавниот обвинител исто така рече дека и состојбата со кадар е тешка и дека за помалку од две години има одлив од над 10 отсто вработени.
„Кога сме кај кадровските ресурси, морам да укажам на крајно тешката состојба во која сме доведени како институција. Многупати сум кажал и мислам дека веќе сите знаат дека работиме со едвај една третина од потребниот број вработени во јавнообвинителската служба. Меѓутоа, има еден податок што уште повеќе загрижува. Oд почетокот на 2024 до денес, значи за помалку од 2 години, имаме одлив од над 10 % вработени што си заминуваат по разни основи (40-ина вработени). Во истиот период не ни е одобрено ниедно ново вработување, па дури ни пополнување на овие испразнети места. Ниедно ново вработување во службата не ни е одобрено ни за 2026 година, па очекувано е бројот на вработени дополнително да се намали. Иако недостигаат речиси 30 % и од потребниот број јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниеден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа, кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива“, рече Коцевски.
Тој рече дека станува невозможно да се споредиме дури и со земјите во најблиското опкружување. Истакна дека сите обвинителства во регионот се дигитализирани, опремени и со фукционални системи за управување со предметите.
Коцевски се осврна и на резултатите што ги постигнале обвинителствата.
„Бидејќи често се споменува дека финансиите треба да бидат поврзани со резултатите во работата, подготвен сум да зборувам и за резултатите. Истрагата за пожарот во кочанската дискотека ‘Пулс’, Обвинителството ја заврши за помалку од 2,5 месеца и ги обезбеди сите потребни докази. Овој предмет е вистинска потврда зошто е толку важно да се негуваат и да се инвестира во ресурсите на Обвинителството, но и на правосудството во целина. Ваквите трагични настани никој не може да ги предвиди, а ние мора да имаме услови за да овозможиме ефикасна правда. Освен ова, по целосно спроведени истраги, во судска постапка влегоа многу сложени предмети, како што е ‘Онкологија’, злоупотребите откриени во предметот ‘Адитив’, повеќе злосторнички групи, кои се обвинети за трговија со дрога и убиства“, рече Коцевски.

Тој со пример илустрира колку финансиски средства се потребни за решавање на некој предмет.
„Годинава се соочивме со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал, кривични дела што предизвикаа и огромни последици врз нашата животна средина, но и ги вознемирија граѓаните. Само еден пример сакам да истакнам тука за да илустрирам за какви трошоци за докажување зборуваме. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција работи на предмет поврзан со квалитетот на набавките на мазут и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. За вештачење на само еден примерок, кое мора да се врши во странство, потребни се 1.500 евра, а треба да се вештачат можеби 300 или повеќе примероци“, објасни Коцевски.
Тој рече дека минатата година обвинителствата решиле приближно 20 илјади предмети, а дополнително се постапува и во предистрага и во судска постапка. Во вакви услови, додаде тој, секој вработен во Јавното обвинителство во моментот извршува работни задачи за најмалку 4-5 предвидени работни позиции.
„Ваквите резултати, во услови кога немаме доволна материјална и кадровска поддршка од државата, се можни само со натчовечки напори на луѓето во јавните обвинителства. Со оглед на недостигот на кадар, секој вработен во Јавното обвинителство во моментот извршува работни задачи за најмалку 4-5 предвидени работни позиции. Оттаму, извештајот на Европската комисија за нас не е изненадување. Сметав дека е потребно да апелирам до вас уште еднаш да го разгледате предлог-буџетот за 2026 и да ги зголемите финансиите за Јавното обвинителство. Средствата што ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа“, рече Коцевски.















