Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски во Париз во понеделник, 17 ноември, за време на посетата насочена кон „повторно потврдување на посветеноста на Франција кон Украина“, објави денес Елисејската палата.
Оваа деветта посета на Володимир Зеленски на Франција од почетокот на војната што Русија ја води од 2022 година „ќе овозможи повторно потврдување на долгорочната посветеност на Франција кон Украина и „одржување на динамиката на започнатата работа по прашањето за безбедносните гаранции“ во рамките на „коалицијата на земји што се подготвени“ што го поддржува Киев, според француското претседателство, објави телевизијата BFM.
Посетата, исто така, ќе овозможи размена на мислења за прашања од билатералната соработка, особено во енергетскиот, економскиот и одбранбениот сектор, пренесува Танјуг.







