Предупредувања за поплави во Велика Британија поради бурата „Клаудија“

Макфакс

14/11/2025

10:10

110

Големина на фонт

а а а

За делови од Англија и Велс е издадено жолто предупредување поради обилни врнежи од дожд кои ги носи бурата „Клаудија“.

Метеоролошката служба предупредува на можност за поплави, а во некои области се очекуваат до 150 милиметри дожд, пишува „Скај њуз“.

Предупредувањето е на сила од пладне до крајот на денот и опфаќа делови од Велс, Мидлендс, Југозападна, Југоисточна и Источна Англија.

Бурата, именувана од шпанските метеоролози, веќе предизвика временски предупредувања во Шпанија и Португалија и ги погоди Канарските Острови. Според Метеоролошката служба, „Клаудија“ може да предизвика прекини во сообраќајот, прекини во електричната енергија и поплави.

На југот на Британија се очекуваат од 30 до 50 милиметри дожд, додека во делови од источен Велс и централна Англија може да достигнат 80 милиметри, а на исток до 150 милиметри врнежи, пренесува Танјуг.

Главниот метеоролог Метју Ленерт изјави дека бурата ќе донесе многу обилни врнежи од дожд во поголемиот дел од централна и јужна Англија и Велс, предупредувајќи дека на некои места може да наврне дожд колку за еден месец во рок од 24 часа. Метеоролошката служба на Ирска, исто така, издаде предупредувања за југоисточниот дел на Ирска во текот на викендот.

Покрај дождот, се очекува силен источен ветер, со налети до 110 километри на час во делови од северозападен Велс и северозападна Англија.

Агенцијата за животна средина соопшти дека се издадени три предупредувања за поплави за Езерскиот округ и реката Еден во Карлајл.

Министерката за поплави Ема Харди изјави дека се преземаат мерки во соработка со локалните власти и службите за итни случаи за заштита на заедниците.

Автомобилското здружение АА им советуваше на граѓаните да не патуваат за време на „опасно време“ и предупреди на ризиците од возење низ поплавени делови од патот. До викендот, на север се очекува постудена воздушна маса со ноќни мразови и повремени врнежи од дожд, додека на југ ќе остане облачно и влажно.

На почетокот на следната недела се предвидува заладување низ целата земја, со можност за прв снег оваа сезона на север и исток. Португалската цивилна одбрана соопшти дека еден постар пар загинал во поплавен дом кога „Клаудија“ го погоди источниот дел на Португалија, оставајќи речиси 14.000 луѓе без струја. Делови од Шпанија вчера беа под портокалово и жолто предупредување поради бурата „Клаудија“.