Поранешниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел (СПД) денес изјави дека руската инвазија на Украина ќе беше спречена доколку поранешната канцеларка Ангела Меркел останеше на чело на Германија.
„Цврсто сум убеден дека немаше да завршиме во оваа војна доколку Меркел беше на власт. Преку договорите од Минск, кои таа ги иницираше, војната беше одложена за осум години“, изјави тој за германскиот јавен сервис АРД.
Договорите од Минск, кои беа постигнати во 2015 година со посредство на Германија и Франција, имаа за цел намалување на тензиите во источниот дел на Украина, но не беа целосно спроведени.
Габриел истакна дека Меркел се обидела да започне нови преговори со рускиот претседател Владимир Путин во 2021 година, но дека ЕУ, со исклучок на унгарскиот премиер Виктор Орбан, одбила да ја поддржи.
„Поради ова, ЕУ ја изгуби можноста да го реши конфликтот дипломатски. Историјата покажува, пред сè, дека следеше големата војна затоа што не се водеа преговори. Историскиот развој не е таков што големата војна избувна за време на Ангела Меркел и периодот во кој таа сакаше да преговара – туку после тоа“, рече тој.
Тој додаде дека сегашната ситуација во Украина покажува колку е важна поддршката на Соединетите Американски Држави, бидејќи, како што рече, без нивна помош, Украина не би можела да ја запре Русија.
Кога го прашаа зошто Германија ја одржуваше својата зависност од рускиот гас толку долго, Габриел ги наведе одржливиот економски раст, одлуката за постепено укинување на нуклеарната енергија и јагленот и резолуцијата на ЕУ од 2002 година со која енергетската политика се прогласува за приватна работа на компаниите.
„Па што прават компаниите кога се одговорни за сопственото снабдување со енергија? Тие ја добиваат најевтината опција достапна на пазарот: тоа беше руски гасовод“, рече тој.
Како што изјави, политичките лидери во Германија го поддржаа „овој тек на дејствување“.
„Со исклучок на Зелените, политичарите постојано ја поддржуваа оваа политика, исто така врз основа на искуството дека со децении добивавме природен гас од Советскиот Сојуз, а подоцна и од Русија – дури и во најтемните времиња од Студената војна“, рече Габриел.
Според него, врз основа на ова искуство, никој во Германија во тоа време не бил убеден дека снабдувањето со руски гас некогаш може да биде загрозено, пренесува Танјуг.











