На државата ѝ недостигаат добри хотели и време е да ја поедноставиме процедурата за нивна изградба, изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски на трибината „Автопат Е-75: Инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам“.
Тој нагласи дека државата треба да размислува стратешки како да привлече инвеститори во изградба на хотели, особено во заштитените подрачја, каде што, според него, бирократските процедури речиси го оневозможуваат развојот на туризмот.
„Во моментов сме во една ситуција кога е комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, посебно во заштитените подрачја. Практично невозможно е да се гради во заштитените подрачја. Не можеме да зборуваме за туризам, а во главниот труистички центар да нема хотели со пет звезди или има ограничување во висините. И затоа сакам да ја отворам оваа тема, да размислува јавноста. Во ред е да има заштита, но ако сакаме да се развиваме во туризмот во делот на изградба на хотели, а не во згради, треба да ја ослениме процедурата за изградба на хотели и да привлечеме инвеститори. Ова исто така се однесува и за долж коридор 10”, истакна вицепремиерот.
Николоски потсети дека Македонија е меѓу ретките држави со двоцифрен раст на туристи, а за само една година се воведени 21 нови директни авиолинии од европски метрополи.
„Минатата година преку Македонија транзитираа повеќе од 10 милиони патници. Ова покажува дека Владата е посветена на развојот на туризмот,“ истакна вицепремиерот.
Тој го нагласи значењето на Коридор 10 како европски транспортен правец низ кој минуваат транзит туристи, но и потенцијалот тие да се задржуваат подолго во земјата.
Меѓу проектите кои треба да придонесат за тоа, Николоски ги спомена брзата пруга, винскиот туризам, археолошките локалитети и урбанистичкото решение за Стоби.
„Од центар на Скопје до центар на Солун ќе патуваме со воз за час и дваесет минути. Со тоа ќе се зголеми искористеноста на железницата и туристичкиот потенцијал на Коридор 10,“ рече Николоски, додавајќи дека Владата ја финансира изработката на урбанистичкиот план за археолошкиот локалитет Стоби.
Тој додаде дека винската индустрија и малите винарии во Тиквешијата стануваат се попосетени, и дека Владата ги поддржува земјоделците како дел од стратегијата за развој на винскиот туризам.
Вицепремиерот повтори дека туристичкиот потенцијал на Македонија не е искористен ниту 10 отсто, но дека државата има шанса да стане центар на транзитниот и културниот туризам во регионот.
На трибината, организирана од Министерството за култура и туризам, свое видување дадоа и министерот Зоран Љутков и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.











