Стружанецот Ердал Лушо тргнува од Португалија во својата несекојдневна, херојска мисија. Тој сам со својата едрилица Пиксел, која ја градел сам во период од 16 месеци, пловејќи без да застане ќе се обиде да го помине Атлантскиот океан и да стигне до Карибите.
Ердал е учесник во легендарната трка „Setka Atlantic Challenge 2025“ која се организира на секои 4 години. Од 18 лица, само 8 успеале да се квалификуваат во оваа адреналинска трка, а стружанецот е токму еден од учесниците.
Според правилата на натпреварот, секој учесник самостојно ја конструира и подготвува својата едрилица. Откако трката ќе започне, тие мораат да ја минат целата рута — од бреговите на Португалија до Карибите — пловејќи без мотор, потпирајќи се единствено на силата на ветрот, сопствените вештини и тактичката умешност.
Овој подвиг претставува едно од најголемите физички и ментални искушенија во светот на едрењето, бидејќи бара напорни подготовки и максимална издржливост. Покрај работата на својата едрилица, Ердал посветено се подготвувал и со тренинзи на вода.
Во моментов тој се наоѓа во Португалија, каде што трката требаше да започне вчера. Меѓутоа, поради неповолните временски услови, стартот е одложен за неколку дена.
„По топлиот пречек во Лисaбон тројца тргнавме кон Сагреш, стартната точка на соло прекуокеанската трка. За жал стартот е одложен поради лошото невреме пред нас така што се преместивме во Портимао за да се заштитиме од невремето.

Наредниве неколку дена ќе ги поминеме во марина сите осум учесници заедно, па ќе ја искористиме приликата за одмор и подобра припрема пред првата етапа“, напиша тој на Инстаграм, каде што сподели и видео со своите следбеници.
Патувањето на Ердал ќе може да се следи во живо преку следниот ЛИНК.
А за оние што сакаат да го помогнат подвигот на Лушо, тоа може да го направат преку страницата WhyDonate.com.























