Криминалистичкиот психолог Џулија Шоу ја разоткри една од најраспространетите заблуди за психопатите – дека сите се исклучително интелигентни, пресметани гении како што ги гледаме во филмовите и сериите.
Луѓето со дијагностицирано антисоцијално пореметување на личноста, повеќето ги замислуваат преку ликови од трилери, документарци за вистински злосторства или подкасти. Но, Шоу, која со години работи со извршители на тешки кривични дела, вели дека реалноста е значително поинаква.

Зошто ги проучува убијците?
Како криминалистички психолог, Шоу соработува со полицијата во истраги и настапува како вештак на суд.
„Ме интересира зошто луѓето прават ужасни работи“, објаснила таа во разговор за „LADbible“. „Ме интересира најмрачната страна на човечноста. За многумина, убиството е најлошото нешто што можат да го замислат дека некој ќе го направи – или дека самите тие ќе го направат.“ Таа вели дека особено ѝ е фасцинантна идејата дека убијците не се некој посебен „тип луѓе“ целосно одделени од остатокот на општеството, туку дека секој од нас под одредени околности може да се лизне кон ужасно насилство.
„Не ме интересира само тоа што некаде постојат убиците кои немаат врска со нас, туку како секој од нас може да се придвижи кон тоа да стане убиец. Што мене ме прави способна да направам најлошото нешто што можам да го замислам? Затоа ги проучувам убијците“, вели таа.
Кој всушност е психопат?
Во психологијата, под поимот психопат најчесто се мисли на личност со антисоцијално пореметување на личноста. Таквите лица често:
• имаат сериозен недостаток на емпатија;
• манипулираат со другите;
• се впуштаат во ризични и неодговорни постапки.
Според упатствата, лицата со ова пореметување може да бидат склони кон насилни испади и агресија. Еден од најчесто споменуваните примери е серискиот убиец Тед Банди, кого стручњаците често го наведуваат како „прототип на психопат“ – шармантен, манипулативен и исклучително насилен.
Но токму поради ваквите случаи, вели Шоу, јавноста има искривена слика.
„Психопатите не се секогаш попаметни од другите“
„Во јавноста владее уверувањето дека психопатите се многу паметни, дека сите се некаков генијален ‘mastermind’“, вели Шоу. „Тоа едноставно не е точно.“ Според нејзините зборови, кога ќе се погледнат луѓето со дијагноза психопатија, многу често се забележува дека имаат подпросечен коефициент на интелигенција.
„Не постои некој просечен психопат кој по правило е многу интелигентен и супер манипулативен. Да, тие манипулираат, но често се и доста лоши во тоа – не се нужно паметни манипулатори“, објаснува таа. Затоа смета дека е време да престанеме да ги романтизираме психопатите како брилијантни злосторници од филмовите: „Мораме да престанеме да мислиме дека психопатите се многу паметни, интелигентни гении, бидејќи повеќето од нив едноставно не се.“
Не сите убијци се психопати
Уште една честа заблуда е дека секој кој изврши убиство автоматски е психопат.
„Тоа исто така не е точно“, нагласува Шоу. Многу извршители на убиства немаат антисоцијално пореметување на личноста, туку зад злосторствата стојат други фактори – импулсивност, афект, траума, злоупотреба на алкохол и дроги, ситуациски поттикнувачи…
Со други зборови, психопатијата и убиството се преклопуваат, но не се синоними.

А што е со нарцисите?
Иако таа самата не поставува дијагноза за психопатија, Шоу често се занимава и со други пореметувања на личноста. Таа откри и дека постои едно едноставно прашање кое може да помогне да се препознае нарцис – но тоа, вели таа, е тема за некоја друга дискусија.

Пораката на нејзината работа сепак е јасна: вистинските психопати се многу помалку гламурозни и „холивудски“ отколку што сакаме да веруваме, а разбирањето на нивниот вистински профил е поважно од митови кои добро изгледаат на екран, но лошо служат во вистинскиот живот.









