Филмот „Se7en“ на Дејвид Финчер, приказна за детективите што ги толкуваат Бред Пит и Морган Фримен, останува еден од највознемирувачките психолошки трилери што некогаш се снимени.
Доколку останавте без зборови откако се откри кој стои зад злосторствата извршени во името на седумте смртни гревови, ви претставуваме уште пет филмови што ќе ви предизвикаат исто чувство.
„Primal Fear“
Едвард Нортон, кого сите го паметиме по филмот „Fight Club“ со херојот од претходното остварување, Бред Пит, во 1996 година го сними филмот „Primal Fear“ со Ричард Гир, којшто ги остави сите без зборови.
Приказната го следи адвокатот за одбрана Мартин Вејл (Ричард Гир), кој решава да го брани Арон Стемплер (Нортон), главниот осомничен за убиството на саканиот надбискуп.
Гир е извонреден во својата улога, но „Primal Fear“ всушност е филмот на Нортон. Неговата интерпретација на кревкиот млад човек со мрачна тајна остана запаметена како едно од највпечатливите филмски дебија во историјата.
„Gone Baby Gone“
Овој филм ќе ве натера да ја преиспитате сопствената совест. Приказната ги следи приватните истражители Патрик Кензи и Енџи Џенаро, кои трагаат по исчезнатото 4-годишно девојче Аманда Мекриди.
Филмот не завршува со јасен расплет — напротив, поставува уште повеќе прашања што ќе ве мачат долго по завршната шпица.
„Shutter Island“
Филмот на Мартин Скорсезе со Леонардо ди Каприо во главната улога делува како непрекинат кошмар. Приказната изгледа едноставна: американскиот маршал Теди Даниелс (Леонардо ди Каприо) пристигнува во изолирана психијатриска установа за да го истражи исчезнувањето на една пациентка. Меѓутоа, веднаш по пристигнувањето, не може да се ослободи од чувството дека нешто сериозно не е во ред.
Скорсезе мајсторски успева да ја зароби публиката во рамките на паранојата на Теди. Како што тој полека го губи допирот со реалноста, така го губи и гледачот. Сите до самиот крај веруваме во неговата теорија на заговор — сè до болното сознание на крајот.
Завршниот пресврт е вистински пример за режисерско мајсторство, но и момент што ги тера гледачите да го преиспитаат сопствениот разум.
„I Saw the Devil“
Филмот „I Saw the Devil“ е корејски акционо-психолошки трилер што целосно ги промени правилата на играта во овој жанр.
Режиран од Ким Џи-вун, филмот го следи агентот на Националната разузнавачка служба Ким Су-хјун, чии свршеница е брутално убиена од садистичкиот сериски убиец Џанг Кјунг-чул. Су-хјун тогаш започнува мисија на одмазда, а играта на мачка и глушец помеѓу него и убиецот станува централниот конфликт на приказната.
„I Saw the Devil“ ја зема добро познатата приказна за одмазда и ја претвора во длабока рефлексија за моралот. Су-хјун не сака едноставно да го убие Кјунг-чул — тој сака да го мачи повторно и повторно, да го натера да ја почувствува истата болка што им ја нанесувал на другите. Како што играта напредува, станува сè поочигледно дека и самиот јунак се претвора во тоа против што се бори — полека тоне во лудилото што се обидува да го запре.
„Memories of Murder“
Пред Бонг Џун-хо да го освои светот со филмот „Parasite“ (2019), ни го подари ремек-делото „Memories of Murder“. Приказната е сместена во рурална Јужна Кореја во 1980-тите и се темели на првите забележани случаи на сериски убиства во таа земја.
Приказната го следи детективот Парк Ду-ман, кој тврди дека може да го препознае убиецот само ако му погледне во очите. Неговата способност е доведена во прашање кога во градот пристигнува детективот Со Те-џун од Сеул, вооружен со форензичко знаење и логика. Како што бројот на жртви расте, двајцата детективи мора да ги надминат своите разлики за да го пронајдат вистинскиот убиец.
Насилството во филмот е суптилно, но затоа и далеку попотресно — бидејќи се заснова на вистински настани и злосторства што никогаш не биле целосно разрешени.










