Полицијата во Кавадарци поднесе кривична пријава против две жени — наставничка и директорка од основно училиште во градот, под сомнение дека неовластено пристапиле до приватен профил на социјална мрежа и злоупотребиле лични податоци на нивна колешка.
Според информациите од полицијата, наставничката В.Т. (47) на 4 септември годинава, во училница на службен лаптоп го затекнала отворен профилот на својата колешка. Наместо да го затвори, таа ги фотографирала приватните разговори од профилот и ги испратила на директорката на училиштето, М.Т. (52).
Неколку дена подоцна, В.Т. успеала да ја открие и лозинката на колешката, па на 5 и 7 септември повторно влегла во нејзиниот профил, направила фотографии од лични пораки и повторно ги предала на директорката. Наместо случајот да го пријави, директорката, според полицијата, ги споделила фотографиите со други колеги во училиштето.
Инцидентот кулминирал на 19 септември, за време на наставнички совет, кога оштетената дознала што се случува и јавно реагирала. Наместо извинување, директорката ѝ се заканила дека ако го пријави случајот, ќе ги сподели сите приватни пораки што ги има.
Полицијата ги пријавила двете жени за „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ и за „злоупотреба на лични податоци“, а случајот е проследен до Основното јавно обвинителство во Кавадарци.







