Нови судски документи објавени во Америка откриваат како принцот Ендру му предложил на осудениот педофил дека би било добро да се сретнат лично само неколку месеци откако Џефри Епштајн бил ослободен од затвор. Епштајн бил ослободен во јули 2009 година откако ја отслужил казната за подведување малолетник.
Во е-пошта од 15 април 2010 година, која сега стана јавна, Ендру одговорил на предлогот на Епштајн да се сретне со американскиот банкар Џес Стејли во Лондон. Иако тогашниот принц ја одбил средбата поради однапред договорено патување, тој му рекол на Епштајн дека ќе се обиде да застане во Њујорк подоцна истата година.
„Би сакал, но за жал денес патувам … и се враќам преку Киев следниот петок/сабота, па ќе го пропуштам“, напиша Ендру. „Но, ќе се погрижам наскоро да се сретнам на друго патување. Исто така, немам непосредни планови да застанам во Њујорк, но мислам дека треба наскоро. Ќе видам дали можам да одвојам неколку дена пред летото. Би било добро да се сретнеме лично.“
Средбата конечно се случила, дуото беше фотографирано заедно во Централ Парк во Њујорк во декември 2010 година. Години подоцна, во интервју за емисијата „Њузнајт“ на Би-Би-Си во 2019 година, Ендру тврдеше дека целта на средбата била да се стави крај на нивното пријателство.
Е-поштата беше објавена како дел од незапечатени судски документи од правна битка од 2023 година помеѓу Американските Девствени Острови, каде што Епштајн поседуваше приватен остров, и банката ЏП Морган. Случајот, покренат поради наводните сомнителни зделки на банката со починатиот финансиер, на крајот беше решен со спогодба.







