Дмитриев: Да изградиме тунел Путин-Трамп што ќе ги поврзе Русија и САД под морето

Макфакс

17/10/2025

13:59

246

Големина на фонт

а а а

Русија и Соединетите Американски Држави треба да изградат железнички тунел „Путин-Трамп“ под Беринговото Море што би ги поврзал двете земји, би започнал заедничко истражување на природните ресурси и би „симболизирал единство“, рече советникот на Путин.

Предлогот на Кирил Дмитриев, инвестициски советник на Путин и раководител на државниот фонд RDIF, се однесува на проект за изградба на железница од 112 километри вредна осум милијарди долари што би ја финансирале Москва и меѓународните партнери.

Дмитриев ја презентираше идејата во четвртокот по телефонскиот разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, за време на кој тие се согласија да се сретнат во Будимпешта.

Долгата историја на идејата за поврзување на континенти

„Врската помеѓу САД и Русија под Беринговото Море е одраз на долгогодишна визија, од железницата Сибир-Алјаска од 1904 година до рускиот план од 2007 година. RDIF ги анализираше постојните проекти, вклучувајќи ја и железницата САД-Канада-Русија-Кина, и ќе го поддржи оној што е изводлив“, напиша Дмитриев на X.

Беринговиот теснец, кој е широк 82 километри на најтесната точка, го одделува рускиот регион Чукотка од Алјаска. Идејата за поврзување на двете територии е стара 150 години, но никогаш не е реализирана.

Дмитриев посочи дека тунелот може да го изгради градежната компанија The Boring Company во сопственост на Илон Маск. Ниту Маск ниту Трамп досега не го коментираа предлогот.

Дмитриев потсети дека за време на Студената војна се појавила слична идеја, Мостот на мирот Кенеди-Хрушчов, и објави нацрти на проектот од тоа време, како и графички приказ на можната рута на тунелот Чукотка-Алјаска, пишуваат медиумите.