Синоќа во арената „T-Mobile“ во Лас Вегас се одржа големата боречка гала „UFC 320“. Во главната борба на вечерта, бразилскиот борец Алекс Переира на спектакуларен начин го врати појасот на шампион во полутешка категорија. Му беа потребни само една минута и 20 секунди за да го совлада Магомед Анкалаев – борецот кој во март му го одзеде шампионскиот трофеј.
По нешто повеќе од една минута борба, Переира фрли силен десен "оверхенд" кој го погоди дагестанскиот борец малку над увото и силно го потресе. Анкалаев падна на подот, а Переира со серија брутални удари со тупаница и лакт го принуди судијата да ја прекине борбата и да го прогласи крајот.
Ден по борбата, Анкалаев им се обрати на своите следбеници преку „Instagram“.
„Ако ме Алах тестирал со пораз, тогаш Тој сака да ме зајакне. Му се поклонувам на Неговата волја, но не и на тешкотиите. На оние што останаа – ви благодарам. На оние што се појавија – и вам ви благодарам. На крајот, Алах го расчистува патот не само од слабостите, туку и од непотребните луѓе“, напиша Дагестанецот.





