Во светот на Холивуд каде браковите често траат пократко од филмските премиери, бракот на Кјара Сеџвик и Кевин Бејкон е вистинска реткост, повеќе од три децении љубов, верност и меѓусебна почит.
А, нивната приказна крие и еден изненадувачки пресврт: тие дознале дека се роднини.
Кевин и Кјара се запознале во 1987 година на снимањето на филмот „Lemon Sky“. Иако Кевин веднаш бил маѓепсан од актерката, Кјара не го делела истиот ентузијазам – во тоа време не била импресионирана од неговиот славен статус. Сепак, судбината ги споила, а само една година подоцна се венчале.
Нивната љубов го издржала тестот на времето, славата, семејството и притисокот од јавноста. Тие имаат две деца и никогаш не дозволиле кариерата да ги оддалечи. Често говореле за тоа дека клучот на нивната врска е хуморот, почитта и посветеноста на семејството.
Но, еден интересен детаљ се појавил јавно во 2013 година кога и двајцата учествувале во американската емисија „Finding Your Roots“ која ги истражува семејните лози на славните личности. Тогаш тие дознале дека по далечна линија се роднини (деветти) и дека делат заедничко потекло од колонијална Америка.
Кјара прво реагирала шокирано и низ насмевка рекла: „Знаев дека нешто не е во ред“.
„Еј, деветти роднини, тоа не е ништо. На таа оддалеченост, сите сме роднини“, рекол Кевин.
Ова откритие дополнително ја збогатило нивната приказна. Во ерата на лоши односи, тие се доказ дека вистинската љубов не познава граници, ниту географски ниту семејни.