Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, на својата фејсбук страница објави дека пратеничката група на Левица во Собранието официјално поднела нов Предлог-закон за заштита на името Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО.
„Конечно, дојде Денот за законска заштита на името ВМРО и забрана разно-разни злосторнички здруженија олицетворени во бизнис-партии да го злоупотребуваат ова име за лично богатење. ‘ПослушајтеПатриоти’” – напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, остро реагираше на предлог-законот, нарекувајќи го „срамен обид“ и дел од поширока агенда насочена кон бришење на македонската историја и идентитет.
„Радикални маргинални структури се обидуваат повторно да предизвикаат вештачки конфликти со симболите на државноста и борбата. Последниот обид на Левица е ништо друго освен директна нарачка од круговите што со децении работат против македонскиот идентитет“, порача Мицевски во изјава до медиумите.
Тој потсети дека слични обиди имало и во 2018 година, со поддршка од, како што рече, тогашната власт на СДСМ, ДУИ и СЈО. Тогаш тие обиди биле спречени со поддршка од пријателски држави и сестрински партии.
Мицевски посебно го спомена лидерот на Левица, Димитар Апасиев, за кого рече дека од советник во СЈО сега преминал во улога на извршител на туѓи интереси.