Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик се обратија во Бања Лука по одржаниот состанок кој следеше откако судот во Босна и Херцеговина го осуди Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за функцијата претседател на РС поради, како што се наведува, непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит.
“Ме советуваа дека не е најдобро време, да чекам и потоа да одам во Бања Лука, но јас бев тука кога бевме среќни, штета би било да не бидам тука кога е тешко. Знам колку му е тешко на Миле. Пред да признае, му видов солза во окото. Знам колку боли неправдата”, вели Вучиќ.
„Знам колку неправдата боли и угнетува, но ова е денот кој откри многу повеќе. Ова е денот кога беше нападната РС, за да можат да му судат на целиот српски народ без суд. Секогаш сум за рационални одлуки, за да бидеме мирни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека „каква и да е одлуката, Србија и тој ќе бидат со РС“.
Претходно, пред да полета, Вучиќ објави порака на социјалните мрежи.
„Одам во Бања Лука по срамната пресуда против Милорад Додик, незаконска, антидемократска, насочена кон уништување на РС и уривање на положбата на српскиот народ. Затоа вечерва одиме во Бања Лука да дадеме поддршка кога на нашиот народ му е најтешко, да се обидеме да влијаеме на одлуките што на крајот се носат за да се смират состојбите и тензиите.
Не се сомневам дека како народ ќе го зачуваме нашиот животен простор, дека РС и нејзиниот претседател ќе се бранат и дека Србија ќе може да оди напред“, рече Вучиќ.